Над илјада кандидати од две министерства без можност да полагаат за лиценци, државата по Рашковски без софтвер

Од:

Неизвесно е кога ќе се започне со полагање на државните испити, кои веќе три месеци не се реализираат поради раскинувањето на договорот со фирмата „Инвока груп“, поради истрагата против неа, нејзиниот сопственик и ексгенералниот секретар Драги Рашковски. Само во две министерства, чекаат над илјада кандидати. Од Владата велат дека планираат интервентна набавка на софтвер, но без конкретен датум кога ќе се спроведе. До тогаш, над 1000 кандидати за стекнување на лиценци за инструктори и контролори во автошколи, како и за ракување со оружје – не можат да полагаат, иако се пријавени во МВР.

„Комисијата која спроведува стручни испити за проверка на знаењето на стручните лица во автошколите и испитните центри заклучно со 04.06.2021 година има примено 149 барања од кандидати кои треба да  полагаат испит, а кои поради нефункционирањето на правното лице кое превентивно и адаптивно го одржува софтверот за полагање на испити на државни институции,  не се во можност истото да го реализираат. Комисија спроведува стручни испити за проверка на знаењето на стручните лица кои извршуваат работи во автошколите како предавач и возач инструктор. Се проверува и знаењето на стручните лица кои извршуваат работи во испитните центри како контролор, предавач по наставна програма сообраќајни правила и прописи-теоретски дел и предавач по наставна програма управување со возило-практичен дел. Поднесени се и околу 880 барања за полагање на испити за техничко познавање за ракување со оружје и познавање на прописите за оружје. Некои од граѓаните кои поднеле барање за полагање на стручниот испит се во странство и долго време не дошле на полагање“, велат од МВР за „А1он“.

И во Министерството за труд и социјална политика, за полагање на испити кои на кандидатите им се потребни за вработување, чекаат околу 150 лица.

„За вработување на работните позиции директор, воспитувач, негувател, стручен соработник и стручен работник во Јавните установи за згрижување на деца во предучилишно воспитание и образование, потребна е лиценца за работа, која се добива со полагање на испит“, велат оттаму за „А1он“.

Досега, Владата успеа преку интервентна набавка да обезбеди софтвер за полагање на испитите за потребите на Академијата за судии и јавни обвинители. Ваква процедура, ќе се спроведе и за останатите институции, најавуваат оттаму.

„Оваа процедура ќе трае се додека не заврши постапката за редовната набавка. Ви посочуваме дека изменет е планот за јавни набавки со цел да се предвиди оваа набавка која произлезе како обврска по заклучок на Владата заради тоа што претходниот договор е раскинат по одлука на Владата. Во однос на тоа до каде е процедурата за распишување тендер за набавка на софтвер за полагање на испити, посочуваме дека се прават подготовки за објавување на набавката“, велат од Владата за „А1он“.

„А1он“ веќе објави дека над 150 лица не можат да полагаат за да добијат лиценци за управување со чамци. Од април до сега, двапати им е одлагано полагањето од страна на Капетанија на пристаништата.