На двете празнични акции во Кривопаланечко собрани 51 единица крв

Од:

На двете празнични крводарителски акции што се одржаа денеска во кривопаланечкото село Трново и во село Петралица, општина Ранковце, собрани се вкупно 51 единица крв.

„Станува збор за традиционални крводарителски акции кои редовно се одржуваат по повод Илинден. Акциите се одржаа во кругот на одморалиштето, кај старото училиште во село Трново, каде се одржува и големиот народен собир и собрани се 29 единици крв, додека во Петралица во реонот каде се одржува собирот на свети Илија, а собрани се 22 единици крв“, информира Дарко Пешовски, секретар на Општинската организација на Црвениот крст – Крива Паланка.

Крводарителските акции ги спроведе Општинска организација на Црвениот крст – Крива Паланка во соработка со Институт за трансфузиона медицина од Скопје.

Со денешните две, годинава на подрачјето на двете општини се реализирани петнаесет акции за крводарување. Досега се собрани вкупно 619 крвни единици, што претставува реализација од 87 отсто на Годишниот план за крводарувања на Општинската организација на Црвениот крст од Крива Паланка, со кој се проектирани 711 крвни единици.