На 11 септември во граѓанскиот суд во Скопје од почеток треба да почне судењето за ексразузнавачот Слободан Богоевски по тужбата за навреда и клевета од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и Муса Џафери. Тие досега ниту еднаш не се појавија во судот. На рочиштата доаѓаше само нивната адвокатка. Предметот го води судијата Нухи Рустеми.
Како што објави „Макфакс“, Апелациониот суд во Скопје пред 3 месеци ја укина пресудата на скопска двојка. Судиите од второстепениот суд предметот со насоки за натамошно постапување го вратиле на повторно судење. Тоа значи дека првите луѓе на ДУИ од почеток во граѓанскиот суд во Скопје ќе мора да докажуваат дека Слободан Богоевски ги наклеветил и дека со тоа им нанел штета на честа и угледот.
Апелационите судии утврдиле дека првостепениот суд сторил серија повреди на постапката. Констатирале дека фактичката состојба со која е донесена пресудата е нецелосна и дека тужбата на Ахмети и Џафери е нејасна. Судот не се впуштил, а бил должен да се впушти во утврдување на евентуалната штета предизвикана од наводната клевета. Во решението на тројката судии од скопска Апелација пишува и дека иако тужениот не се согласил со повлеченото тужбено барање за надомест на штета, судот се впуштил во расправа и одлучил без да донесе решение.
Али Ахмети и Муса Џафери го тужат ексразузнавачот Слободан Богоевски за навреда и клевета за неговото сведоштво пред Окружниот суд во Њујорк за случајот „Маѓар Телеком“. Како отштета во овој процес Ахмети побаруваше 3 милиони денари, а Џафери 2,5 милиони денари, но подоцна се откажаа од исплата на паричниот надомест како отштета и бараа извинување.
Предметот од почеток го следеа контроверзи, бидејќи судијката кај која првично падна предметот беше сменета. Богоевски тврдеше дека судијката им дала насоки на тужителите да достават дополнителни докази бидејќи во спротивно ќе им ја отфрли тужбата, за потоа АКМИС-от повторно да одлучи предметот да падне кај Нухи Рустеми.
Васко Маглешов
