МЗШВ: Со парите на граѓаните се финансираат капитални објекти

Од:

Со парите на граѓаните се финансираат капитални објекти од интерес на граѓаните и земјоделците, реагира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по денешната изјава на дополнителниот-заменик министер Љупчо Николовски.

За објективно информирање на јавноста, МЗШВ ја пренесува целосната изјава на министерот Михаил Цветов дадена во интервју кое, како што наведува, Николовски го злоупотреби за, со реченици извадени од контекст, да ја манипулира јавноста и да пласира неосновани обвинувања.

– „Трансмет го има добиено и тендерот за изградба на системот за наводнување Равен – Речица, кој што на електронска аукција од 14 милиони е намален на 8,5 милиони евра, и имаме намалување од повеќе од 5,5 милиони евра од проектната цена. Тие се нафатиле дека можат за тие пари да го направат. Кога кажувате дека му се дадени парите да појасниме, не му се дадени, тој ги заработил. За изградба ние бираме и надзор кој е независна куќа, кој одговара пред законот и сите ситуации се потпишани од надзорот, од изведувачите, од сите сектори во министерството и на крај од мене“, вели министерот Цветков во интервјуто посочено од Николовски.

Според МЗШВ, во интервјуто, исто така, е наведено дека за сите тендери што се распишуваат во водостопанството, изборот се врши по пат на електронска аукција. Онаа фирма која ќе даде најниска понуда за изградба на проектот, го добива тендерот.

Во постапка е и тендер за изведувач на браната Речани, на кој се јавени седум фирми, од кои три македонски и четири странски. Комисијата работи на евалуација на понудите и оние фирми кои ќе ги исполнуваат условите во тендерот, ќе учествуваат на електронска аукција, по што ќе биде избрана фирмата која ќе даде најниска цена, појаснува Министерството за земјоделство.