Раководството на Македонски Железници АД Транспорт смета дека штрајкот на машиновозачите е незаконски и со него се нанесуваат огромни материјални и нематеријални штети на компанијата.
„Железницата како крвоток и битен сегмент во извршување на превозот на патниците и стоките во Републиката и надвор од неа е доведена во прекин со што се нанесуваат огромни материјални и нематеријални штети на ЖРСМ Транспорт АД-Скопје, ЈП за железничка инфраструктура на РСМ и на целокупното стопанство на РСМ. Напоменуваме дека незаконитиот прекин на работа, т.н бојкот, не е организиран согласно ЗРО и Колективниот договор на ЖРСМ Транспорт АД-Скопје и истиот не е предизвикан поради социјален момент или други услови со извршување на работните
задачи, туку од лична корист на Машиновозачите“, соопштија од МЖ Транспорт.
Тие велат дека во периодот од 01.08.2023 година, до денот на прекинот на железничкиот сообраќај 25.08.2023 година, машиновозачите оствариле вкупни просечни лични примања во износ од 60.000,00 денари, а само за споредба во истиот период, раководител инженер, остварил лични примања во висина од 21.000,00 денари. Но, оваа информација не е во контекст на барањата на машиновозачите кои бараат исплата на вториот дел од платата за јули.
Менаџерскиот тим во постојани разговори со Владата на РСМ се прават напори, да се обезбедат средства за непречено функционирање на железничкиот систем до крајот на годината. Во периодов кога имаме најава за зголемен железнички превоз од страна на коминтентите, свесната одлука за бојкот од страна на Машиновозачите во најмала рака е неразумна, бидејки ќе предизвика огромни штети на Друштвото и на целокупното стопанство на РСМ. Менаџерскиот тим е приморан да ги превземе сите законски мерки, за повторно воспоставувание на железничкиот сообраќај на територија на РСМ“, соопшти менаџерскиот тим на државниот загубар кој не сака да ги прими машиновозачите на разговор.