Министерството за внатрешни работи реагира на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ за лиценца за испитен центар за подрачјето на СВР Струмица.
„Јавниот конкурс за избор на правно лице за добивање на Лиценца за испитен центар на подрачјето на СВР – Струмица е спроведен исклучиво во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Според условите предвидени во конкурсот, а согласно Законот, нема законско ограничување во кој временски рок треба да биде формирано правното лице.
Поточно, врз основа на член 241 став (1) од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/15, 226/15, 55/16, 11/18 и 83/18) и член 50 од Правилникот за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално – техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање на лиценца за испитен центар, формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар („Службен весник на Република Македонија“ бр. 139/16), Министерството за внатрешни работи на 25 јуни 2018 година го објави Јавниот конкурс за избор на правно лице за добивање на Лиценца за испитен центар со седиште во Скопје и Струмица.
Во врска со овој оглас, а заради добивање на лиценца за испитен центар на подрачјето на СВР – Струмица се пријавија две правни лица: Асструмекс ДОО Струмица од Струмица и Испитен центар Струмица ДООЕЛ од Струмица.
Постапувајќи по Правилникот за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално – техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, во периодот од 25 до 28 јули 2018 година стручната комисија изврши теренски увид над исполнетоста на потребните услови за добивање Лиценца за испитен центар во двете правни лица при што се изготви Бодовна листа на кандидатите.
Оценувајќи ги критериумите кои се предвидени во Законот и Правилникот, а дадени како услови во Јавниот оглас, правното лице Испитен центар Струмица ДООЕЛ од Струмица освои повисока вкупна оценка, со што согласно законот се исполнети условите за добивање на лиценцата.
Истовремено потенцираме дека согласно цитираниот Закон и Правилник не постои услов според кој е утврдено во кој временски рок и со колкав минимален влог треба да биде основано правното друштво“ се вели во реакцијата на МВР.