Обврската за плаќање на придонесите за хонорарен ангажман според најновите законски измени, сега паѓаат на грб на хонорарците.
Според дообјаснувањата кои ги даде Министерството за финансии, обврската за да се полнат касите на пензискиот и здравствениот фонд, не е на работодавците, туку на оние кои се ангажирани со авторски договор. Според економскиот аналитичар Алберт Муслиу кој воедно е и бизнисмен овај закон ќе предизвика само компликации.
За А1 објасни дека мерката не ги обврзува работодавците да ги подмират давачките кон државата по основ на пензиско и здравствено осигурување за оние кои работат за хонорар.
„Хонорарците се во полоша состојба и така како законска норма измените на законот се во ред. Но ова ако има реперкусии врз нето заработката на сите хонорарци, мерката треба да се преиспита. Главна цел не е полнење на буџетот. Несфатливо е како ако некој е во редовен работен однос, а работи хонорарно на повеќе места ќе плати давачки кон ПИОМ и ФЗО уште еднаш“, изјави Алберт Муслиу за А1.
За Муслиу мерката ќе предизвика и нус ефекти спротивни на заложбите на владата сите хонорарци да се пензиски и здравствено осигурани. Според него голем дел од вработените во администрацијата се со договори на дело па така оваа мерка ќе предивика дополнителни проблеми врз државната каса.
Мерката во јавноста се презентираше без детални информации и објаснувања. Првично целта беше да се сузбие сивата економија и хонорарците да бидат еднакви со вработените. Надлежните информираа дека со оваа мерка работодавците не ќе може веќе да си поигруваат со работниците и ќе мора да им ги плаќаат придонесите, за на крај да излезе дека придонесите ќе си ги платат хонорарците од заработениот нето хонорар со објаснување дека бенефитот ќе се почуствува кога лицата ќе стигнат до пензија која ќе биде поголема.
Б.С.