Крајно време е да се распоредат вработените според Рамковен договор кои седат дома. Ова не е добро за државата и е незаконски, во интервју за „Инбокс 7“ вели вицепремиерот Муса Џафери.
Тој вели дека со Охридскиот рамковен договор, за кој оценува дека донел напредок, државата се спасила од распад, како и дека ја избришал мајоризацијата и етноцентризмот. Посочува и дека иако конфликтот, како што вели, бил со албанската заедница, од договорот профитирале сите други заедници.
– Требаше да се децентрализира Република Македонија во правец на европскиот концепт со цел да се даде повеќе власт на локално ниво. Успеавме преку таква уставната реформа, локалната власт да добие во содржина и во сферите како образование и култура да се добијат добри резултати. Иако, математички не е постигната правичната застапеност – вели вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор.
За реализацијата на делот за вработувања, тој вели дека има напредок, но не колку во првите години.
– Што се однесува до државната администрација, тука има задоволувачки резултати, но тоа е мал број од околу 12.000 до 13.000 државни службеници. Што се однесува до јавната администрација, каде се опфатени и други области како образование, здравство, бројката варира зависно од градовите. Можеби процентот не е на задоволително ниво. Првите години се направени покрупни чекори, кога во 2002-2003 година во редовите на полицијата се распоредија полицајци Албанци кои во мешовитите општини требаше да патролираат со цел да се враќа довербата во инстиуциите. Во оваа област се направени крупни чекори, како и кај армијата – вели Џафери.
За големиот број вработени кои само добиваат плата, а не одат на работа, Џафери посочува дека сега изнесува 1.100 – 1.200, но вели дека не може повеќе да се толерира таквата ситуација.
-Се работи за недостиг на капацитет и неподготвеност на институциите да ги примат навреме овие луѓе. За жал, имавме и таков застој. Имаме таква бројка која не може толку брзо по примањето преку огласи да се распореди некаде. Ние имаме став во Влада дека крајно време е да се распоредат овие луѓе или пак, да се врши некоја обука преку која ќе се тестираат нивните способности. Некому може нема да му се допаѓа како работно место, па ќе се откаже доброволно. Но, толку долго време да не се систематизираат овие луѓе, тоа не е добро за државата.
Ние примавме кадри и во втората половина на 2013 година и сега. Сега имаме 600-700 нови примени, и ако плус има толку во што не сум сигурен, максимално може да има 1100-1200 луѓе кои не се распоредени – вели вицепремиерот за Рамковниот договор.