Министерството за образование и наука соопшти дека полагањето државна матура, како процес на верификација на стекнатото знаење во средното образование и предуслов за продолжување во високо образование, ќе продолжи да се имплементира и во оваа учебна 2014/2015 година, при што ќе ја опфати осмата генерација матуранти.
Од МОН информираат дека ќе продолжи да се имплементира и процесот на екстерното тестирање, со кој веќе 3 години се проверуваат постигнувањата на знаењата на учениците и објективноста на оценувањето на наставниците и кој како пракса, постои во најголем дел од земјите-членки на Европската унија.
Во изминатиот период, стои во соопштението, Владата реализираше интензивни контакти и средби со дел од засегнатите групи во рамки на споменатите процеси и реформи, а во врска со извесни посочени предизвици при нивната имплементација. Почитувајќи ги нивните најдобри интереси, беа донесени неколку конструктивни, суштински одлуки, односно беше одлучено и натаму да продолжи примената на досегашната Концепција за државна матура и завршен испит, да се врати стариот модел на полагање државна матура, полагањето на тестовите да се врши единствено во писмена форма и предметот математика да биде алтернативен за сите ученици.