Директорот на Канал 5, Иван Мирчевски во денешното издание на „Само вистина“ во дуелот со министерот Роберт Поповски, се извини за манипулациите и погрешното известување на телевизијата Канал 5 за време на претходната власт.
-Беше режим, вие мислите се работело во розеви услови. Тогаш ми беа одземни ингеренциите. Сега ми се вратени ингеренциите. Јас се извинувам во името на медиумот. Во името на сите вработени им се извинувам на сите кои сме им нанеле неправда. Канал 5 веќе е на средина. Дојде момент и ние рековме доста е, од сега сме на средина“, рече Мирчевски, но не кажа кој му ги одзел ингеренциите.
Канал 5 беше дел од пропагандната машинерија што ја бранеше власта на Никола Груевски за што и добиваа владини реклами. Мирчевски кажа дека тие пари биле заработени и Канал 5 ги емитувала сите реклами за кои било платено.
Режим беше и за многу други медиуми, кои избраа да бидат затворани и уништени. Притисоци имаше за многу новинари и директори кои го избраа новинарството и слободата, наместо да му служат на истиот тој режим и за возврат да земаат државни пари за послушноста. Извинувањето доаѓа откако медиумот остана без финансиите од владата на Никола Груевски, односно веднаш по неговиот пад ја смени уредувачката политика.