Министерство за култура: Додека вие говорите за градежна оператива, ние градиме темели за иднината на македонската култура

Од:

Министерството за култура реагира на изјавата на Роберт Алаѓозовски, претседател на комисијата за култура на СДСМ. Ова е соопштението во целост:

„Министерството за култура го изразува своето длабоко жалење што веќе трета година по ред г. Роберт Алаѓозовски, со своите изјави пред јавноста го демонстрира потценувачкиот однос на неговата партија, СДСМ кон македонските уметници и кон сопствената уметност и култура. Повторно со истиот вокабулар, со понижувачки однос и без респект, продолжувате да ги навредувате македонските уметници кои се наша национална гордост.

Во периодот кога вашата партија, господине Алаѓозовски, имаше можност да направи нешто за македонските уметници, не се реализираше ниту една мерка, проект или инвестиција. Затоа и сега немате капацитет да препознаете што е полезно за македонските уметници, ниту да предложите било каква иницијатива или проект со кој ќе го унапредите културниот амбиент во РМ.

Додека вие говорите за градежна оператива, ние г. Алаѓозовски создаваме инфраструктура, градиме нови темели за иднината на македонската култура. Додека вие говорите за анонимуси ние во годишната програма ги поддржуваме Симон Трпчески, Елена Мисиркова, Венко Андоновски, Морфов, Пандур, Поплавска, Жолдак, Мартин Кочовски, Ѕвездана Ангеловска, Славенски, Стефановски, Јанаќиевиќ, Цветан Грозданов, Луан Старова, Камбовски, Матеја Матевски, Киро Урдин, Османли, Плевнеш, Клетников, Кулавкова, Маџиров и многу други, па дури и Роберт Алаѓозовски кој единствено не е анонимус во оваа низа од анонимни имиња. Да ве потсетиме, дека Министерството за култура и оваа 2016 година ве прогласи за самостоен уметник и ги плаќа вашите месечни надоместоци за пензиско и здравствено осигурување.

Во годишната програма која ја критикувате, веројатно меѓу поддржаните го забележавте и вашето име и тоа во две програми. Доколку високите морални начела кои ги поседувате се косат со политиките на Министерството за култура, зошто, кога ве повикавме во 2015-тата година и во годината пред тоа немавте доблест да ги вратите во Министерството за култура сите доделени средства и да се откажете од вашите бенефиции?

Министерството за култура како и досега така и во иднина ќе дава силна поддршка за културата и македонските уметници без разлика на нивната политичка или каква и да е припадност бидејќи токму тие се столб и иднина на македонската култура.“, стои во реакцијата на Министерството за култура.