Антонио Милошоски, од ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека секој од сведоците има право да сведочи како што му овозможува Анкетната комисија, откако денеска беше одложено сведочењето на министерот за финансии, Зоран Ставревски.
Милошоски ја обвини опозоцијата дека прави политиканство и политички театар од Комисијата, дека сака да држи тензии и политичка напнатост.
-Денес министерот Ставревски беше подготвен да одговори на сите прашања. Деловникот нуди две можности за одржување на седница, согласно одлуката за која гласале сите партии, предвидена беше отворена или затворена седница. Одговорите на прашањата на некого му беа помалку битни. СДСМ се обидува после неуспехот да го блокира изборот на ДИК, а сега се обидува да ја блокира работата на Анкетната комисија. Тоа има за цел да се користи како изговор дека нешто од договорот не е спроведено и тоа може да му послужи на СДСМ како изговор за неспроведување на изборите – изјави Милошоски.
Новинар го праша пратеникот: „мислите ли дека вие од ВМРО-ДПМНЕ сте многу паметни со овие финти.“ На тоа тој одговори:
-Јас мислам дека со работење на Анкетната и почитувањето на одлуките можеме да дојдеме до одредени факти. Сведочењето на премиерот, Никола Груевски беше многу корисно. Истата можност ја имавме и денес но за жал седницата беше прекината од претседателот на Комисијата – изјави Милошоски.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во новиот круг сослушувања пред Анкетна ќе ги предложат како сведоци Зоран Заев, Бранко Полифров и Александар Верушевски, синот на Зоран Верушевски, првообвинет во случајот „Пуч“.
На прашањето дали е можно да биде јавно следното сведочење на Груевски, како сведок кој СДСМ повторно го предлага, Милошоски одговори дека повиканите имаат право да се изјаснат како сакаат да сведочат.
Маја Васева