Мицкоски на средба со Села и Гаши: Во некои општини ќе настапиме со заеднички кандидати

Од:

Претседателите на Алијансата на Албанците, Зиадин Сеља, и претседателот на АлтернАтивА, Африм Гаши, се сретнаа со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своите простории.

Тема на ова средба беа претстојните локални избори и можноста за опозициска соработка помеѓу овие партии, при што како главен мотив беше посочен борбата против корупцијата и криминалот застапен во општините раководени од СДСМ-ДУИ.

„Тројцата претседатели констатираа дека водејќи се од извештајот на Транспаренси Интернешенал, според кој Македонија е рангирана на историско најлошото 111 место, станува неминовно опозициската соработка, со цел единиците на локалната самоуправа да бидат ослободени од корупциското владеење, од нетранспарентното трошење на пари и од злоупотреба на власта на СДСМ и ДУИ на сите нивоа на државната управа.

Затоа, констатираа тие, потребно да се соработува со цел општините да бидат институции во служба на граѓаните, со силен и рамномерен локален економски развој, со буџетска поддршка на децентрализација во областите образование, културата и спортот, како и со тежнеење да бидат зелени општини кои ќе обезбедат чист воздух и заштита на животната средина.

Со цел што подобро да се артикулираа опозицискиот глас, како и да се претстават најдобро интересите на сите граѓани на локално ниво, тројцата претседатели, истакнувајќи ги овие начела, се одлучија за взаемна соработка и поддршка на кандидати за градоначалници. Соработката подразбира дека споменатите партии нема да кандидираат градоначалници во одредени општини и ќе се поддржуваат меѓусебно, а во други општини ќе се натпреваруваат со сите други партии“, информираа од трите партии со заедничко соопштение по средбата.

За начинот и деталите на соработката ќе се договараат општинските организации на трите партии.