Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и екс директор на ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски реагира во врска со објавениот текст на А1он и споделен на Фејсбук профилот на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.
Почитуван колега Рашковски, навистина ме разочаравте, а имав високо мислење за Вас, но после ова Ваше денешно писание ме разочаравте и како човек, колега но пред се и како педагог кој треба да биде пример за идните генерации…, но нејсе, велат на човек со сила можеш да му земеш но не и да му дадеш, пишува Мицкоски.
Претходно Рашкоски под споделениот текст дека и ВМРО-ДПМНЕ ги користеле услугите на адвокатот Дејан Костиќ напиша:
-Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски сам го ангажирал адвокатот Костиќ за да го смени од раководната позиција во ЕЛЕМ. Истото го направиле и поранешните директори од редот на ВМРО од МЕПСО, на Славија и други. Да се знае кој кого ангажирал и да не се шират шпекулации за роднински врски, напиша Рашковски.
Следува одговорот на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Пред Бога сте се заколнале дека ќе му бидете кум на човекот кој го злоупотребувате за да можете на осуденикот да му се допаднете милиметар повеќе. И јас и Вие сте свесни дека ова што го пишувате е лага и груба злоупотреба на кумашинот чии наследници претпоставувам сте или ќе ги крштевате, јас ќе Ви простам, но не знам дали и тој ќе го стори истото.
Колега Рашковски, за време на упадот од страна на кумашинот Ваш, со документ во рака и овластување од Владата, овозможив цивилизирано примопредавање на управувањето на компанијата која нешто помалку од една година ја водев. Како правник и професор треба да знаете дека за да биде завршен уписот во централен регистар на новите членови на надзорниот одбор, потребно е мислење и овластување од овластеното лице (а во тој момент тоа бев сеуште јас д-р Христијан Мицкоски) што ќе го врши уписот, а за сопственикот на ЕЛЕМ (Владата на РМ) во тој момент, тоа лице беше Вашиот кумашин.
Ги потпишав мислењето и овластувањето и работата се заврши. Документите се архивирани на денот кога престана мојот ангажман во ЕЛЕМ. Ниту сум го ангажирал Вашиот кумашин ниту адвокатската куќа која е именувана во новинарското писание, а од Ваша страна невешто злоупотребена. Колега Рашковски на лагата и се кратки нозете, но спомнете си на овој мој бесплатен совет до Вас и осуденикот, дека со вакви евтини шибицарски финти на Владата мандатот ќе и биде уште пократок. Viva academia viva profesores, напиша Мицкоски.