Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ денеска ги презентираше резултатите од истражувањето „Слободата на интернетот“ пред студентите од штипскиот универзитет „Гоце Делчев“.
Елена Трифуновска од „Метаморфозис“ вели дека интернет медиумите не се регулирани во постојниот Закон за медиуми, со тоа и одговорноста кога некој од човековите права е прекршен, тешко е да се докаже, а за што може да се види и низ минималниот број случаи кои завршиле во судовите. Таа најави дека многу важно за медиумите е што од 25 мај стапува во сила општата регулатива за заштита на лините податоци.
– Тоа е нова регулатива применлива директно во сите земји членки, но и за нас истото ќе важи. Првпат медиумите иако се повластена категорија, односно не одговараат на сите одредби на Законот за заштита на лични податоци. Останува да речеме да бидат привелигирани, но првпат се воведуваат критериуми врз основа на кои што медиумите и медиумските работници ќе треба да се раководат при објавувањето на одредена вест, која содржи лични податоци. Значи системот, како тест да речеме, кои од личните податоци треба да биде објавен во одредена вест, а кои не, ќе биде појасно и поконкретно претставен низ оваа регулатива, вели Трифуновска.
Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми, кој учествувал во оваа анализа забележува дека интернет медиумите имаат големо влијание во една заедница, но и на глобално ниво, а тоа се гледа низ случајот со Брегзит, претседателските избори во САД, а и дел од македонските веб и интернет страници кои функционираат како пропагатори или за односи за јавност на соодветни политички партии.
– Интернетот донесе многу промени, една од најзначајни е тоа што озвоможи процесот на јавно информирање да се прошири на многу повеќе актери, а не само на новинарите, кои тоа го прават во една форма, која што донекаде ограничена е слобода на изразување. Меѓутоа, денес може да информира секој, кој што има мобилен телефон, фејсбук профил или твитер, може да известува за што сака, без да се грижи за стандардите на новинарство, вели Геогриевски.
Но, како што забележува тој, како ќе се решава овој проблем ќе се види во текот на наредниот период. Резултатите од ова истражување се достапни за јавноста.
