МЕСО исклучен од ССМ: Митревски не’ казни зашто ги браниме вработените во образованието

Од:

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) го исклучи Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО). Членовите на МЕСО денеска ја добиле одлуката од Советот на ССМ со која им се наредува во рок од три дена да ги напуштат просториите на синдикатот.

Образложението на ССМ е дека МЕСО нема доставено списоци за репрезентативност, дека претседателката Сузана Стефановиќ и генералниот секретар Здравко Савески најгрубо го прекршиле Статутот на синдикатот, бидејќи организирале прес конференции заедно со невладини организации и дека активно учествувале на протести.

12047809_10207834302790715_2076477939_n

Мултиетничкиот синдикат за оваа постапка на ССМ одговори со соопштение:

“Живко Митревски изврши уште еден удар врз Сојузот на синдикатите на Македонија и, општо, врз синдикалното движење во Македонија. Со цел да ја спречи секоја критика на сопственото делување како претседател на ССМ, Живко Митревски издејствува одлука на Советот на ССМ за исклучување на Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО) од Сојузот на синдикатите на Македонија. Тој отиде уште понатаму. Без да ја достави одлуката за исклучување до МЕСО, наложи иселување на МЕСО од ССМ во рок од три дена. При тоа, непочитувајќи го правото на приговор што секој синдикат член на ССМ го има согласно Статутот на ССМ.

МЕСО е казнет затоа што се труди да ги брани интересите на вработените во образованието. Тоа е вистинската причина зошто Живко Митревски сака да му наштети на МЕСО. Му пречиме зашто кренавме глас против ограничувањето на правото на штрајк во образованието. Му пречиме зашто ја критикуваме владината политика на наметнување сѐ повеќе и повеќе административни обврски на наставниците, што резултира со намалување на квалитетот на наставата. Му пречиме зашто сме против партизацијата во образованието. За целиот мандат додека е на чело на ССМ, Живко Митревски ниту во една прилика, ниту во најблага форма, нема кажано ниту еден критички глас при многубројните случаи кога се намалуваа правата на работниците. Ние не сакаме да молчиме околу тоа. Напротив, сметаме дека е наша должност и наше морално право, како синдикалци и како членки на ССМ, да го кренеме нашиот глас. Ние сакаме да ги браниме правата на работниците, а не да ја браниме власта од работниците. Живко Митревски очигледно размислува различно од нас и затоа се дрзна да нѐ исклучи од ССМ.

Ако МЕСО биде исклучен од ССМ, тоа ќе значи дека ССМ повеќе нема да има грански синдикат за образование. Секој синдикат се труди да придобие дополнително членство и да ги опфати сите области во кои работат работници. Лишувајќи го ССМ од својот грански синдикат за образование, Живко Митревски го слабее ССМ. Апелираме до сите грански синдикати во состав на ССМ да се спротивстават на овој обид за слабеење на ССМ. Апелираме и до сите останати синдикати во Македонија да се солидаризираат со МЕСО во спротивставувањето на уништувањето на синдикалното движење во Македонија.“, велат членвите на МЕСО.