Мемети: Во центарот во Гази Баба се случува бунт

Од:

Од канцеларијата на народниот правобранител вчера го посетиле Центарот за времено сместување на азиланти во Гази Баба, каде затекнале катастрофална состојба со екстремно лоши услови кои ги кршат човековите права, потврди денеска омбудсманот, Иџет Мемети. Околу 60 отсто од нив, рече тој, доаѓаат од Сирија, односно од земјите со воени конфликти. Од таму, според омбудсманот, не треба да се перцепираат како мигранти кои направиле прекршок со нелегален влез во земјата, туку исклучиво како бегалци.

Тој потврди дека деновиве во Центарот се случува бунт поради нечовечното постапување со странците и поради пренатрупаноста. Мемети посочи дека во Центарот се сместени 364 лица, иако истиот има капацитет за 120 лица.
-Тројно е надминат капацитетот. Затекнавме катастрофална состојба каде е повредено човековото достоинство. Затекнавме жени и деца, деца без придружба, бебиња и бремена жена. Во машкиот дел спијат на под без постелнина и во исклучително лоши хигински услови. Невозможно е во такви услови да се остварат човековите права. Имаме впечаток дека се сместени во полоши услови од лицата во притвор – изјави тој.

Жените се сместени во две простории и исто така некои од нив, рече Мемети, спијат на под. Луѓето се жалеле дека непотребно предолго престојуваат таму. Мемети вели дека не ни знаат зошто се држат во Центарот.

-Се жалат на храната и на условите, а констатиравме и дека има појава на заразни болести. Во себе имаат само потврда за одземени предмети која не ја разбираат затоа што е на македонски јазик – рече тој.

Канцеларијата на омбудсманот е незадоволна и од работата на Центарот.

Констатирале слабо и непрофесионално менаџирање со Центарот, а имигрантите се жалеле од однесувањето на вработените.

Велат дека недостасува докуемнтација. Според решенијата лицата се задржани за сторен прекршок „илегален влез“ во земјата за кој е предвидено задржување до 30 дена, но само ако лицето е обвинето. Им било кажано дека ги држат како сведоци, но омбудсманот посочува дека нашето законодавство не предвидува задржување за тоа.

Мемети вели дека недостасува комуникација меѓу надлежните органи кога станува збор за постапување со мигрантите. Отуствува, вели тој, писмена коресподенција, нема трага за преземени мерки и дејствија, ниту пак документи за излез на странецот пред јавен обвинител или суд, или пак документ за дадена изјава.

Тој апелира на систематски промени и достоинствено постапување, како и што е можно поскоро да биде донесен закон со кој ќе се регулира ова прашање.

-Сега за сега бараме зголемување на капацитетите за престој и похумани услови. Проблем претставува тоа што не знаеме колку мигрнати до сега влегле во Македонија, немаме никаква евиденција. Тоа е лошо затоа што се случуваа трагични настани. Од ден на ден се наоѓаат нови лица. Очекуваме проблемот да станува се посериозен – предупредува народниот правобранител.

Тој упати остра критика до надлежните органи посочувајќи дека работат незаконито, неажурно и неефикасно. Мемети вели дека ова претставува огромен проблем за државата.

-Ако имаат потреба од обезбедување, државата не смее да ги обезбедува ставајќи ги во услови како во притвор, тие не се во притвор. Државата не смее обезбедувањето да го направи на тој начин – порача тој.