На овие избори во глобола имаше поголем број јавувања на граѓаните отколку за време на претходните избори. На нашата телефонска линија, само во Канцеларијата во Скопје, беа регистрирани повеќе од 150 јавувања, а во подрачните Канцеларии имаше над 50 јавувања. Во најголем дел проблемите ги создаваше неточноста на Избирачкиот список, вели народниот правобранител Иџет Мемети во неделното интервју на „Радио Слободна Европа.“
Правобранителот вели дека биле регистрирани 18 јавувања на граѓани кои се пожалиле дека на денот на изборите одредени лица им се јавувале дома и ги прашувале за која партија ќе гласаат. Иако ова предизвикало вознемиреност на граѓаните, сепак народниот правобранител вели дека не можело да се постапува по овие пријави затоа што граѓаните сакале да останат анонимни.
– Народниот правобранител не може да постапува по анонимки, затоа што ако треба да ја утврди фактичката состојба, треба да преземе низа дејствија за да дојде до вистината – вели Мемети за „Радио Слободна Европа“.
Во врска со оценката за квалитетот на изборниот процес, Мемети вели дека не е повикан да даде таков суд затоа што, додава, како национална институција е должен тоа што е утврдено да го каже, да ги информира граѓаните и да упати критика.