Масовно се оставаат кучиња на гробиштата Бутел, Лајка потсетува дека напуштањето миленик е казниво дело

Од:

Јавното претпријатие ЛАЈКА алармира за сериозен пораст на случаи на напуштање на домашни кучиња во околината на градските гробишта Бутел. Во последниот период, нашите теренски служби и граѓански пријави укажуваат на континуирано напуштање на кучиња од страна на неодговорни сопственици, кои од различни делови на градот ги доведуваат животните на оваа локација и ги оставаат.

Оваа појава, покрај тоа што претставува суровост кон животните, сериозно го нарушува и јавното здравје, безбедноста на граѓаните, како и функционирањето на објектите од јавен интерес на таа територија. Напуштените кучиња, често нестерилизирани, се размножуваат, гравитираат низ поширокото градско подрачје и го усложнуваат предизвикот на контрола на популацијата на бездомни животни.

ЈП ЛАЈКА апелира до граѓаните:
Да не напуштаат животни – тоа е казниво дело согласно Законот за заштита и благосостојба на животните.
Да пријавуваат вакви случаи до надлежните институции, со можност за доставување видео или фото докази.
Да се информираат за можностите за вдомување, стерилизација и одговорно сопствеништво.
Истовремено, ЈП ЛАЈКА во соработка со инспекциските служби ќе ги засили контролите и ќе поднесе пријави против сите лица кои ќе бидат фатени во ваков прекршок.
Одговорното сопствеништво започнува дома – секое животно заслужува грижа, а не да биде оставено на улица. Само со заедничка одговорност можеме да изградиме хумано и безбедно општество.