МАРнет го демантира Кирацовски: Ние не вршиме регистрација на домени

Од:

Македонската академска истражувачка мрежа го демантира заменик министерот за информативно општество и администрација, Александар Кирацовски и вели дека МАРнет од 1 април 2014 година не врши регистрација на домени. Од таму велат дека правото за регистрација го пренеле на приватни регистри.

– Меѓусебните права и обврски на МАРнет и регистрарите се регулирани односно утврдени со договор. Регистрарите имаат целосно овластување самостојно да извршат регистрација на домен кој што е слободен во моментот на регистрација односно не е зафатен, стои во соопштението на МАРнет.

Од МАРнет велат дека Регистрарите можат да регистрираат домен без претходно одобрување од страна на мрежата, односно МАРнет нема никаков пристап при самиот процес на регистрација на домен кој што го врши Регистрарот, а аналогно на тоа не може да дадат ниту пак даваат какво било одобрување за регистрацијата на одреден домен.

– Господинот Кирацовски обвинува дека МАРнет овозможил кражба што претставува сериозна клевета врз институцијата. Во функција на дополнителен заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација господинот Кирацовски е должен да биде целосно запознаен со начинот на работа и функционирање на МАРнет и процесот на регистрација на домен пред да изнесе невистинити тврдења кои го нарушуваат угледот на институцијата, велат од МАРнет.