Манчевски: До петок се очекуваат конкретни предлози за избирачкиот список

Од:

Нема поместување од почетните позиции на преговарачите во работните групи на политичките партии за Договорот од Пржино.

Сè уште се испитува пулсот на „противникот“ за тоа што може да се добие, а каде да се попушти при реализацијата на договореното и при финалното спроведување на предвремените парламентарни избори закажани за април 2016 година.

Како што вели за „Мета“ Дамјан Манчевски, член на работната група на СДСМ во преговорите, до петок би можело да има некаков конкретен чекор околу тоа кој предлог за изборниот список би бил најприфатлив за сите учесници во преговорите.

– Сè уште се разговара за техниката на предлозите. За времетраењето, за роковите, дали би се стигнало со одредени датуми за да се запази терминот за избори во април 2016 година. Досега нема напредок, но се очекува до петок да има и конкретни предлози за кои би требало посуштиски да се договараме. Има многу идеи, многу сугестии и сè уште сме во фаза на испитување на можностите – вели Манчевски.

Вчерашниот состанокот на работните групи на најголемите политички партии во земјава заврши час и половина по почетокот.

Претставниците на политичките партии по состанокот не дадоа изјави, освен претставникот на ДУИ, Артан Груби, кој оцени дека состанокот поминал добро.

На вчерашната средба тема на разговорите биле избирачкиот список и учеството на дијаспората на изборите. Прашањето за Државната изборна комисија, наводно, ќе биде на дневен ред на некоја од следните седници на работните групи.