Македонија најлошо рангирана според клиентелизмот во медиумите

Од:

Македонија, заедно со Босна и Херцеговина, е последна во регионот, со дури негативна вредност на индексот за целокупниот систем за справување со клиентелизмот во медиумите. Ова го покажуваат резултатите од првото емпириско мерење на индексот на клиентелизам во медиумите во Македонија, како и во Романија, во БиХ, во Хрватска, во Србија и во Црна Гора, презентирани на денешната конференција „Индекс на клиентелизам во медиумите: Мерење на реалноста” организирана од Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“.

Македонија е најлошо рангирана кога станува збор способност на земјата сеопфатно да ја разбере состојбата на медиумите според декларативното постоење податоци. Нивното отсуство е индикатор за постоење клиентелизам во институционалните процеси, клиентелистички пракси поврзани со медиумската сопственост и постоење на висок ризик од клиентелизам според индикаторите кои се однесуваат на медиумскиот пазар во Македонија.

– Mоментно медиумите во Македонија, се во сендвич позиција, помеѓу политиката и бизнисот. Она што е најлошо во комерцијалниот телевизиски сектор е концентрацијата на сопственоста, што ги загрозува разновидноста и плурализмот на медиумите и уредувачката независност. Концентрацијата на телевизиската сопственост во рацете на малкумина претставува потенцијална опасност, бидејќи тоа е концентрација на влијание што може да се користи за политички, лични, идеолошки или комерцијални цели. Сопствениците не ги користат телевизиските програми да им служат на гледачите туку, пред се на нивните економски интереси, рече професорот Сефер Тахири.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека ова е најризичната категорија за сите земји пред се поради осуство на податоци, односно вкупно 60,61% од сите податоци биле недостапни.

Од друга страна, Македонија е рангирана на второто место, веднаш после Хрватска кога станува збор за способноста на општетсвото да ја мери реалноста на медиумите, односно во која мера медиумските политики се носат како одговор на предходно дефиниран проблем.

– Ваквата позиција се должи на активностите на невладиниот сектор во областа на медиумите и заштита на правата на новинарите. Во суштина, и добар дел од податоците во истражувањето ги добивме од здруженијата на граѓани кои што се фокусирани на различни сегменти од медиумската индустрија – рече истражувачката и аналитичарка Александра Илоска од асоцијацијата „Паблик“.

Индексот на клиентелизам во медиумите (МЦИ) врз основа на емпириски податоци ги мери политичките влијанија врз медиумите, постоечката регулативна рамка, институционална поставеност и клучните економетриски мерења на реалноста во која работат медиумите и новинарите од Југоисточна Европа. Индексот ги опфаќа сите клучни прашања кои се однесуваат на насоките на Европската Комисија за развој на слободата на медиумите, како и насоките на постоечките индекси кои ги мерат медиумските слободи (Фридом Хаус, Репортери без граници итн), но, на поинаков начин. Покрај мерење на реалната слика на медиумите во Југоисточна Европа, МЦИ дава детален увид и во сите апекти од функцинирањето на медиумите/носителите на одлуки, како и на оние кои сакаат да учествуваат во јавните расправи за медиумските политики.

Истражувањето покажува дека транспарентноста во медиумската сопственост е најголема во Србија, додека Македонија се наоѓа на четврто место, но, пред Хрватска и Босна и Херцеговина, додека, пак, монополистички практики се бележат во сите земји во регионот. Во поглед на достапните документи за транспарентноста во финансирањето на јавните медиуми, Романија предничи во однос на сите земји. Македонија и Хрватска се наоѓаат на ист ранг, односно во овие две земји не е возможно да се добие увид во комерцијалните договори со кои се финансираат медиумите во јавна сопственост.

konf1

– Низ еден долготраен процес на кој ќе му претходи внимателно подготвена и прифатена законска регулатива, треба да отпочне инсталацијата на високоетичката професионализација на журналистичката дејност и на медиумскиот бизнис. Уште еден важен фактор треба да му претходи на овој процес, а тоа е создавањето на општество во кое новинарството и медиумската индустрија ќе се ослободат од прангите на политичките субјекти.
Во еден таков амбиент треба да преовлада свеста дека новинарите и медиумите им служат единствено на граѓаните и на јавниот интерес, а не на специфичните интереси на различните центри на моќ,рече Зоран Бојаровски, новинар.

Најдобри резултати во поглед на достапноста на податоците бележи Хрватска, додека Македонија се наоѓа на самото дно. Нашата земја најлошо стои во категоријата можност за детектирање на ризикот од клиентелизам во институционаните процеси, а најлошо е рангирана и во можноста за детектирање клиентелистички пракси поврзани со медиумската сопственост. Во проценката на ризикот од клиентелизам според индикаторите кои се однесуваат на медиумскиот пазар, повторно

Македонија е најлошо рангирана, додека најдобро рангирани се Романија и Хрватска. Кога станува збор за „невидливиот клиентелизам“, пак, кој може да се манифестира во областа на слободата на медиумите, новинарската етика и основните права на новинарите, Македонија е рангирана подобро од Романија и Хрватска, а полошо од Србија.

Достапноста на информациите од областа на работните права, најголема е во Македонија и Хрватска, каде, според јавно достапните документи и прописи, постојат општи податоци за работните права на новинарите и сите вработени во медиумската индустрија.

Од друга страна, пак, во поглед на постоењето и функционирање на саморегулаторни тела, на дното на скалилото се наоѓаат Македонија и Хрватска, каде саморегулацијата е речиси волонтерска, а лидерските позиции ги држат Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.