Македонија денеска со низа манифестации го одбележува 3-ти Декември-Меѓународниот ден на лицата со инвалидност.
Главната манифестација по овој повод, во организација на Националниот совет на инвалидските организации на Македонија, ќе се одржи во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ во Скопје. Обраќање ќе има министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, а претставници на националните инвалидски организации ќе расправаат на тема „Бариерите со кои се соочуваат лицата со инвалидност во Македонија“. Ќе биде доделена и традиционалната награда „3-ти Декември“.
Министерот Ристовски, заедно со американскиот амбасадор Пол Волерс, шефот на делегацијата на ЕУ, Аиво Орав и постојаниот координатор на ООН Диардре Бојд, ќе присуствува и на промоцијата на Извештајот за состојбата на лицата со хедикеп во Република Македонија „Хендикеп-слагалка што недостасува“, во организација на Движењето против хендикеп „Полио плус“.
Овој извештај има за цел да даде пресек на состојбата во која се наоѓаат лицата со хендикеп во периодот до ратификацијата на Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп, до крајот на 2011 година. Неговата улога е да го претстави досега постигнатото, но и да ги предочи главните проблеми и предизвици кои ја очекуваат Македонија во оваа област.
Истовремено ќе се изврши и промоција на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост.
За одбележување на овој ден, Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје организира приредба на која ќе присуствува министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
На учениците од ова училиште таа ќе им подари примероци од каталогот на Музејот на македонската борба за државност и самостојност отпечатен со Брајово писмо, друга литература и ЦД и ДВД од фестивалот „Златно славејче“.