Македонија доби 39,4 милиони долари за бегалците

Од:

Македонија ќе добие 39,4 милиони долари за 2016 година како дел од регионалиотплан за шест земји чија цел е да ја ублажи кризата со бегалци и мигранти. Планот, презентиран во Скопје денеска и развиен под водство на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР) и Меѓународната организација за миграции (ИОМ), подразбира хуманитарни активности во организација на Владата и ги покрива активностите на осум агенции на Обединетите нации со седиште во Скопје и 16 различни невладини организации.

Во планот се вклучени и останатите пет земји : Турција, Грција, Србија, Хрватска и Словенија, а вкупниот буџет за регионалниот план за одговор на потребите на бегалците и мигрантите изнесува 550 милиони американски долари.

– Ви честитаме за гостопримливоста и великодушноста покажани кон 900.000 бегалци и мигранти кои што поминаа низ регионот само во текот на минатата година. Треба да запомниме дека луѓето коишто бегаат од конфликт и неволји имаат фундаментално човеково право на прибежиште, достоинство и шанса за подобар живот, рече постојаниот координатор на ОН, Луиза Винтон.

Изразувајќи благодарност до УНХЦР и ИОМ нивното водство на хуманитарниот одговор, Винтон забележа дека агенциите на ОН коишто работат во Скопје заедно потрошиле, повеќе од 5 милиони американски долари за бегалската криза во 2015.

– Им благодариме на донаторите коишто ја овозможуваат оваа важна операција, како и на безбројните обични граѓани коишто придонесуваат толку многу иако често и самите имаат малку, рече Винтон.

Од УНХЦР и ИОМ соопштуваат дека приоритетите што ќе се финансираат во текот на оваа година се заштита, храна, здравје и исхрана, вода, санитација и хигиена, засолништа и непрехранбени производи како зимска облека.

Се планира и поддршка за Гевгелија и Куманово, за да се осигура дека општините домаќини ќе можат да ги нудат клучните јавни услуги како управување со отпадот во прифатните центри без да се загрозат нивните обврски кон локалното население.