ЛП: На локалните избори одговорност за Ивица Коневски зошто направи архитектонски “Франкенштајн“

Од:

Локалните избори се моментот за утврдување (политичка) одговорност на градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски за активностите со кои изминатите 8 години, зад грбот на граѓаните, општината и градежните фирми создадоа архитектонски „Франкенштајн“, наведуваат од Либералната партија.

ЛП – Аеродром потсетува дека во општината барем еднаш неделно високата зона нема вода, постои континуиран проблем со електричниот напон, намален е севкупниот зелен и слободен простор, недоволен е капацитетот во градинките, основните училишта и амбулантите.

Аеродром е населбата која во 70-те и 80-те години на 20 век, во европски рамки била презентирана како типска населба наменета за пријатен и хуман социјален живот, со висок степен на сеизмичка, еколошка, сообраќајна и друга безбедност. Со одлично решена инфраструктура, паркинг простор, централно затоплување, водовод и канализација.

Сега во Аеродром на местата каде што се наоѓале 50-на приземни објекти, изградени се 50-на десеткатници кои бројат најмалку 120 станови. Практично, на местото на секоја приземна станбена единица која имала од 5 до 10 станови, никнува висококатница за колективно живеење со 120 станбени единици. Граѓаните навикнати на полувековен мирен живот во типска населба со многу зеленило и комплетно решена инфраструктура, доживуваат тектонски поместувања во животот.

Во трката за голема и брза заработувачка општинските власти заборавиле на основните постулати во градежништвото, приморувајќи ги граѓаните да живеат во станбени блокови како глувци во кутии, едвај оддалечени 10 метри една од друга, без план каде ќе се паркираат нивните возила на тие локации, без зеленило, без хуман простор и социјализација меѓу нив.

Пр.: Само на улицата „Методија Шаторов Шарло“, секоја станбена единица имала двор и зеленило од 600 квадратни метри, со вкупно 480 жители. Сега на оваа улица со ширина 6 метри и вкупна должина од 350 метри се изградени висококатници со вкупно 1200 станбени единици и број на жители 4800.

Непланското, краткорочно и неодржливо профитерско менување на ликот на Аеродром во хаотично место за живот, исполнето со сообраќаен хаос и загадување мора да запре на претстојните октомвриски избори, соопштуваат либералите.