Левица: САД го избришаа македонското малцинство – сервилноста на нашата дипломатија не познава дно

Од:

Во најновиот извештај за човекови права (за 2024) на Стејт департментот во САД, во делот „Слобода на здружување“, новата американска администрација целосно ги исфрли барањата до Бугарија да ги регистрира македонските здруженија. Наспроти ова, во извештајот за 2023 година (објавен во 2024), делот „Слобода на здружување“ беше обемен и детално посветен на македонското малцинство, придружен со конкретни примери за конкретни прекршувања на човековите права на македонското малцинство во Бугарија од страна на бугарските институции, каде јасно и детално ги нотираше одбивањата на бугарските власти да регистрираат македонски организации, спротивно на бројни пресуди на Европскиот суд за човекови права, велат од Левица.

„Ваквата реалност има потенцијал дополнително да ја влоши состојбата на терен во која се наоѓа македонското малцинство во Бугарија. Македонската дипломатија очигледно не успеала да го задржи прашањето на македонското малцинство како точка во американските извештаи за човекови права, што ја поткопува долгогодишната стратегија на послушност кон САД со надеж дека ќе се изврши меѓународен притисок врз Бугарија.

Ова не само што е уште една дипломатска бламажа на дипломатијата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Тимчо Муцунски како безгласна буква, туку ова е и резултат на хроничната неспособност на македонската дипломатија да дејствува проактивно и агилно. Отстранувањето на македонското малцинство од извештајот, освен што е сигнал на дипломатски пораз, е и шамар за илузијата на нашите владејачки структури дека САД е наш сојузник. Со години се потпираме на „стратешкото партнерство“ со Вашингтон, додека реално тоа партнерство функционира еднонасочно – Македонија, скоро секогаш на своја штета, ги исполнува сите геополитички желби на САД (НАТО, санкции, срамни и скандалозни гласања во ОН), а за возврат добива формални изјави од небитни бирократи без суштинска поддршка во најважните национални прашања.

Овој дипломатски пораз беше и очекуван, ВМРО-ДПМНЕ ги заборави сите предизборни ветувања за заштита на националните интереси и, откако дојде на власт, одбра да го сочува статус квото на состојбата во која сериозно се загрозените виталните национални интереси на Македонија. Со превземањето на власт, ВМРО-ДПМНЕ вниманието го насочи кон лични и бизнис интереси на владејачката класа како и на нерационални задолжувања со кои дополнително ги распродава државните капацитети. Дипломатијата на Тимчо Муцунски е сведена на формален ритуал на извештаи и средби, без реална стратегија и без волја за конкретна акција. Во пракса, тоа значи дека националните интереси се жртвуваат на олтарот на корпоративните интереси и неразумниот стремеж за одржување на политичка стабилност по секоја цена.

Поради сето ова, од МНР бараме веднаш да реагира со официјална протестна нота до Стејт департментот на САД, јасно ќе го изрази нашето незадоволство поради ваквата одлука која го игнорира очигледното кршење на човековите права и потлаченоста на македонското малцинство во Бугарија.

Левица се залага за рамноправност и целосно почитување на меѓународните стандарди во билатералните односи помеѓу државите, однос при кој целосно ќе се почитува суверенитетот на македонскиот народ и неговите легитимни национални интереси. Доколку САД или други партнери сакаат од Македонија одредени отстапки, истото мора да важи и обратно – поддршка и почитување на македонските позиции“, тврдат од партијата.