ЛДП: Во 21-виот век, во Кичево настава на свеќи?

Од:

Либерално-демократската партија – Кичево, најостро реагира по повод најновата ситуација во трите основни училишта во општина Кичево, каде поради неплатени сметки за електрична енергија настана исклучување на струја во истите, при што наставата се изведува во затемнети училници и услови кои се несоодветни за денешно време.

Поради тоа, бараме итно решавање на овој сериозен проблем, а не префрлање на топката од централно на локално ниво и обратно, бидејќи се работи за иднината на нашите деца. Исто така, прашуваме до кога ќе има пари за споменици, палми, панорамски тркала, а нема да има за децата и нивното образование, за кое сметаме дека е крајно дволично, неодговорно и во крајна линија – нехумано.

Го повикуваме премиерот во заминување, Никола Груевски, да дојде во Кичево и да го реши овој проблем (исто како што ги решава проблемите низ Македонија во неговите рекламни патувања). Го прашуваме премиерот Груевски, денеска е 11-ти септември, ден на ослободување на Кичево; дали на овој начин ни го честитате нашиот празник, премиере?