Лажен профил со името на првата дама, крадел податоци од граѓани преку лаги дека дава по 5.000 евра

Од:

Лажен профил е отворен со името и фотографии од првата дама Елизабета Ѓоргиевска, преку кој се собирале податоци од граѓани, меѓу кои и кредитни картички, дознава „А1он“. Профилот е на социјалната мрежа „Фејсбук“ и е отворен пред 13 часот. За него е искористено презимето од претседателот Стево Пендаровски, па е именуван како „Елизабета Пендаровска“, а користени се и нивни заеднички фотографии, споделувани се објави од официјалната страница на претседателот. Случајот е пријавен и во Секторот за компјутерски криминал при МВР.

Последната во десетиците објави на лажниот профил е насловена како „донации“. Преку неа, се повикуваат сите кои го следат профилот да напишат нивно име и презиме, за потоа 100 лица да добијат по 5.000 евра. Под оваа објава има над 1.500 коментари, како и 672 споделувања. Подолу, корисникот на лажниот профил оставил и линк преку кој дополнително собирал информации, меѓу кои и кредитните картички.

„Добри вести. Денес случајно ќе изберам 100 среќници за да добијат парична помош од 5.000 евра. Ве молиме внесете го вашето име во колоната за коментари и споделете ја оваа објава“, стои во објавата во чиј коментари, корисникот на лажниот профил додава: „Здраво на сите, благодарам за коментарите. Последниот чекор за да добиете подарок од мене е да го регистрирате вашето име овде…. Ве молиме следете ги сите упатства што ги даваме за да ја завршите регистрацијата“.

За лажниот профил кој сака да измами граѓани, запознаена е првата дама Елизабета Ѓоргиевска, како и претседателскиот кабинет.

„Почитувани пријатели, многумина од вас ми пишаа за лажен профил направен со мое име. Пријавен е во ‘Фејсбук’ и во МВР, но би ве замолила, за побрза реакција од ‘Фејсбук’, да има што повеќе пријавувања. Ви благодарам“, напиша првата дама Ѓоргиевска.

Од Кабинетот на претседателот Пендаровски за „А1он“ потврдуваат дека знаат за случајот и дека се постапува.

„Ќе се пријави во МВР во компјутерски криминал, а веднаш кога е забележано дополнително пријавено е и директно до ‘Фејсбук’, велат оттаму.