Лазарова Трајковска: „Бомбите“ треба да важат како докази

Од:

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур и претседател на ДИК, Мирјана Лазарова – Трајковска, смета дека во случаи со вакво масовно прислушкување, судиите треба да го имаат предвид јавниот интерес во потрага по вистината наспроти приватноста на обвинетите. Таа на врховните судии денеска им дала 35 примероци од пресуди на на Европскиот суд за човекови права каде прислушкувани разговори и снимки биле користени како докази, но потсети и на македонската афера „Големото уво“.

„Водилка мора да биде јавниот интерес визави приватниот интерес, односно заштитата на приватниот живот на поединците. Моето мислење е дека во однос на оваа расправа во Врховниот суд , Судот не може да си земе улога на законодавец и тој да ја уредува таа материја туку треба да се дозволи индивидуализација на секој случај, индивидуален пристап на секој случај. Останува на судечкиот суд да одлучи во која постапка незаконски обезбедени докази ќе бидат прифатени како докази (ако се зборува генерално, тие не се врзуваат само со прислушуваните разговори), а во која постапка ќе бидат користени како индиции. Во некои, може и ќе бидат отфрлени“, изјави Лазарова Трајковска.

Лазарова Трајковска посочи дека треба да се прави разлика мегу незаконски прибавени и незаконски создадени докази и објаснува дека СЈО ги прибавило законски. Врховниот суд, рече, не треба да се однесува како законодавец и на пониските судови да им дава насоки преку начелни ставови за тоа како да ги третираат бомбите.