Казахстанското трио, како што низ светот се познати сопствениците на „Кунико рисосрсис“ (Cunico resources) кои до лани беа газди и на кавадаречки „Фени“, а сега ја тужат Македонија, имаат тужби речиси во сите земји во кои што работеле. Киргистанецот Александар Машкевич (Aleksander Mashkevich), Узбекистанецот Потох Чадиев (Patokh Chodiev) и муслиманскиот Ујгур од Киргистан, Алијан Ибрагимов (Alijan Ibragimov) го сочинуваат триото кое според светските медиуми има богатство изразено во билиони, стекнато по распадот на СССР.
„Макфакс“ ги истражуваше тужбите поврзани со оваа компанија против чии претставници во Македонија има неколку кривични пријави.
Измама, перење пари, корупција и организиран криминал се најчестите обвиненија со кои се соочиле во различни држави, покажа интернет истражувањето.
Триото има бројни обвинувања но нема осуди, оти плаќаат спогодби. Во 2016 година „Форбс“ извести дека белгискиот инженеринг гигант „Тректабел“ го тужи триото за измама, перење пари и организиран криминал. Во спорот била постигната спогодба со плаќање отштета.
Дејности во Африка и Казахстан, овие случаи се уште се активни. Британски „Телеграф“ јавува дека бизнисите на казахстанското трио се тесно поврзани со казахстанскиот диктаторски претседател Нурсултан Назарбајев за кого се сомневаат дека им е таен партнер, а нивното богатство се должи на незаконска приватизација на огромен дел минерални ресурси, струја и железница во Казахстан направена со поддршка на претседателот по распадот на СССР.
Александар Машкевич од триото во 2011 година во Турција бил инволвиран во скандал со секс забави со малолетнички на турската јахта „Савона“. Скандалот го открила турската полиција.
Во 2007 година компанијата ЕНРЦ, сопственост на триото, се котирала на лондонската берза. Многу англиски пензиски фондови инвестирале во групацијата за на крај да изгубат многу пари. Британските медиуми во 2010 јавуваат дека ЕНРЦ била листирана на лондонската берза за метали, акциите биле продадени скапо, а по низа афери цената на акциите на компанијата вртоглаво паднала и казахстанското трио евтино си ги купило назад. Двете фирми на триото ЕНРЦ и ИМР се постојано присутни по судовите во Англија и Холандија со бројни обвиненија за измама, корупција и организиран криминал.
„Кунико“ има тужба и од канадската компанија „Фрст квантум минералс“ (First quantum minerals) за незаконско преземање на рудник во Конго. Британските медиуми во 2016 година известија дека Владата на Конго го одзела рудникот на канадската фирма, ја продала на фирма во сопственост на претседателот на Конго за 20 милиони американски долари, а потоа оваа фирма го продала рудникот на ЕНРЦ која е во сопственост на казахстанското трио за 175 милиони долари.
Казахстанското трио е под истрага и од британската Служба за првостепени измами (Serious fraud office). Осомничени се за измама, мито и корупција за зделки во Африка и Казахстан. Британската служба утврдила дека казахстанското трио е познато по зделки со влади на неразвиени земји каде што корупцијата е на највисоко ниво.
Двајца директори на ЕНРЦ, по аферата со рудниците во Конго, се пронајдени мртви во хотел во Мисури, САД.
Казахстанското трио влезе во „Фени“ во 2004 година. До 2015 партнерски управуваа со фабриката нивните фирми ИМР и БСГР, но поради меѓусебни недоразбирања поведоа судски спор околу сопственоста и ИМР стана доминантен сопственик на фабриката со обврска да уплати 60 милиони долари на сметката на „Фени“ и да инвестира во производниот процес. Вработените во фабриката изминатиов период сведочеа дека планираните средства за инвестиции воопшто не се чепнати туку по истекот на гарантниот период, на почетокот на 2017 година „Кунико“ си ги подигнале средствата од сметката и покрај огромните долгови, за неколку месеци подоцна, септември 2017 година да го прекинат производство. Вработените останаа дома, а „Кунико“ ја понуди фабриката на продажба за 1 американски долар на бугарски „Енекод“ под услов да ги отплати долговите од над 70 милиони долари. Оваа продажба ја оспорија банките кредитори на „Фени“ кои одлучија фабриката да оди во стечај низ кој ќе се прави реорганизација. Фабриката продолжи со производство во март годинава кога швајцарски ГСОЛ ја закупи, ги исплати долговите и ги задржа на работа сите вработени. Стечајната постапка низ кој се бара нов сопственик на фабриката се уште трае.
„Кунико риосрсис“ беше против стечај за „Фени“ од стартот на постапката. Два дена по рестартот на производството во „Фени“, Владата информираше дека компанијата „Кунко ресорсис“ покренала тужба против Македонија пред арбитражниот суд во Вашингтон. Кое е обвинението за државата Владата не откри, но соопшти дека за одбраната ја ангажирале американската адвокатска канцеларија „White & case“.
На почетокот на месецов, пак, холандските медиуми јавија дека „Кунико“ во Амстердам, каде што е седиштето на компанијата, поднеле тужба против 9 фирми и 4 физички лица, меѓу кои и вицепремиерот Кочо Анѓушев за киднапирање на имотот во Македонија.
Против Јусуф Миракхмедов, поранешниот директор на „Фени“ поставен од „Кунико“ Управата за финансиска полиција поднесе две кривични пријави, а кривична пријава против него но и против целото раководство на „Фени“ поднесе и малцинскиот партнер БСГР.
Во случајот со „Фени“ се вклучи и „Транспаренси интернешнал – Македонија“. Постапувајќи по претставка од „Кунико“, тие посочија дека стечајната постапка не се води законски и поднесоа кривични пријави против стечајната судијка и против стечајниот управник на „Фени“.
Маја Илиевска-Пачемска
