Со свечена поворка пред столбот на Крушевската Република во центарот на Крушево и со полагање свежо цвеќе пред спомениците на великаните на 1 август од 18 часот по 50-ти јубилеен пат во Крушево ќе почнат научно-културните средби „10 дена Крушевска Република“.
Манифестацијата ќе започне на платото на Гумење во 20.30 часот, традиционално на први август, со свечено подигање на бајракот на Крушевската Република и богата културно-уметничка програма. Манифестацијата ќе трае десет дена, до 10 август, и опфаќа околу 20 културни настани. „Аманетот на Илинденците и жртвите дадени за самостојна и независна Република Македонија нас и следните генерации не обврзуваат да ја чуваме идејата за сопствена самобитност и суштествување. Низ сите овие 50 години постоење, манифестацијата организирала повеќе од 1000 културни настани, десетина научно-историски трибини што се објавени во 11 тома „Прилози за Илинден“, рече на прес-конференција претседателот на манифестацијата и градоначалник на Крушево, Ѓорѓи Дамчески.
Покровител на манифестацијата годинава е претседателот на Собранието, Талат Џафери. Тој ќе се обрати на централната манифестација по повод Илинден и 114-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република на 2 август на Мечкин камен во 12 часот. Во другите денови до 10 август манифестацијата ќе понуди научни трибини, театарски претстави, настап на културно-уметнички друштва. Затворањето на научно-културните средби „10 дена Крушевска Република“ ќе биде со концерт на Воениот оркестар и со церемонија на спуштање на бајракот на Крушевската Република и почесна стрелба за хероите од Илинден 1903.
На 3 август ќе се одржи научната трибина на тема „Илинден, слобода, државност и независност“. Со свои научни прилози ќе учествуваат 10-ина еминентни историчари. На симпозиумот ќе биде промовирана книгата „Последниот илинденец“ од Иван Глигоровски. Во подготовка е и монографија за манифестацијата која ќе ги опфати сите збиднувања во 50-те години одржување на научно-културните средби „10 дена Крушевска Република“.