Јанко Бачев, Солза Грчева, Љупчо Палевски или како што самите се нарекуваат „Кризен штаб против референдумот“, поднесе барање до Владата на Република Македонија за одобрување на финансиски средства за кампањата која ќе ја водат за престојните референдум.
Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, по доставување на барањето изјави дека кампањата на Владата за престојниот референдум е целосна лага и оти не е точно дека влезот на Македонија во НАТО и ЕУ е од јавен интерес.
– Јавниот интерес на Република Македонија е да членува во меѓународни организации, но не во ЕУ и НАТО, туку во некои други. Ние, како „Кризен штаб“, бараме финансиски средства, онолку колку што владата ќе издвои за својата кампања за референдумот, ниту денар повеќе, рече Бачев.
Тој исто така истакна дека во „Кризниот штаб“ се вклучени уште 28 други организации, кои доколку владата не издвои средства за кампањата, ќе се финансираат од своите буџети.
Бачев истакна дека е отворена сметка во странство на која досега се собрани 4000 долари за кампањата на „Кризниот штаб“ од дијаспората.
Пред медиуми се обрати и претседателката на партијата Глас за Македонија, Солза Грчева, која рече дека го повикуваат народот да го бојкотира референдумот, но за тоа им требаат пари.
Од „Кризниот штаб“ повикаа да се следат примерите на модерните демократии, конкретно случајот „Брегзит“, каде британската влада овозможи еднаква сума на пари на двете страни за предреферендумската кампања.
Виктор Јованов