Кризна состојба во дел од земјава, во понеделник состанок на Советот за безбедност

Од:

Кризна состојба вчера е прогласена во Дебар и Центар Жупа откако се потвридја уште четири случаи на коронавирусот од овие региони. Во понеделник кај преседателот Стево Пендаровски ќе се одржи состанок на Советот за безбедност на која, освен постојаниот состав, повикани се министерот за здравство и началникот на Генералштабот на Армијата.

На седницата на Советот за безбедност, како што најави претседателот на прес-конференција, ќе бидат разгледувани евентуалните опции за справување со опасноста од ширење на коронавирусот. Според него, во однос на стоковите резерви нема простор за загриженост и потенцираше дека има доволно залихи и доколку се усложни состојбата со коронавирусот.

-Сите мерки кои надлежните институции ги предлагаат ќе бидат без ефект ако не дојдат до оние на кои им се наменети, значи до граѓаните, и во тој дел медиумите имаат двојна улога, и самите како граѓани на оваа земја да се придржуваат до нив, меѓутоа и да апелирате до сите останати да се придржуваат до мерките, рече претседателот посочувајќи дека неговиот Кабинет веќе ги редуцирал на минимум сите активности и на домашен и на меѓународен план.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак информираше дека во консултација на тимот доктори и членови на комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, како и економскиот тим изработиле и сет антикризни мерки за заштита на граѓаните и помош на бизнисот но предлага и веднаш да се прогласи кризна состојба на цела територија на државата

-Тоа значи дека предлагаме Владата веднаш да донесе одлука за постоење на кризна состојба соодветно на што ќе ги активира сите законски механизми за разрешување на кризната состојба. Откако ќе се направи ова, му предлагаме на Управувачкиот комитет да и предложи на владата конкретни мерки за справување со економските последици, истакнува Мицкоски.

Тој порача граѓаните да се информираат само од официјални извори, за да се спречи ширење на епидемија на лажни вести.

Според Законот за управување со кризи, Владата донесува одлука за постоење на кризна состојба, го определува подрачјето зафатено со кризна состојба и соодветно на тоа ги активира механизмите за разрешување на кризната состојба. Одлуката за постоење на кризна состојба не може да трае подолго од 30 дена. Ако кризната состојба продолжи да трае подолго од 30 дена, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба.

Во случај на кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон. Во случај на кризна состојба, по барање на Владата, врз основа на договор склучен со Центарот или добро волно, можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица кои не се опфатени во ставот 1 на овој член.

Според законот, во членот 35 се предвидува можност и дел од Армијата да учествува во поддршка на полицијата во услови кога со кризната состојба е загрозена безбедноста на Републиката, а органите на државната управа немаат соодветни ресурси и средства за нејзина превенција и справување. Предлог до Владата за потребата за учество на дел од Армијата, согласно со Стратегискиот одбранбен преглед на Републиката дава Управувачкиот комитет. По предлог на Владата, за учество на дел од Армијата во справувањето со кризна состојба, одлучува претседателот. Претседателот во секое време може да ја преоцени потребата од учество на делот од Армијата.

Од земјите во регинот, вчера Бугарија прогласи вонредна состојба до 13 април за да се спречи ширењето на новиот коронавирус, откако бројот на потврдени случаи се искачи на 23.

За време на вонредната состојба, патувањето до и од земји со голем процент на заразени ќе биде забрането, училиштата и универзитетите ќе бидат затворени, а на полицијата ќе и биде дозволено да интервенира за да ги изолира заразените лица.