Кривичен суд: Коцевска поради здравствени проблеми не беше во можност да одлучува за притворот на Груевски

Од:

Поради посебниот интерес на јавноста за составот на советот на Кривичниот суд кој одлучувал по поднесените барања за одредувања мерка притвор во предметот „Титаник“, а во кои притвор се бараше и за Никола Груевски, Судот излезе со писмено соопштение.

-Од веќе формираниот совет од тројца судии, Билјана Коцевска, Дарко Тодоровски и Диана Груевска Илиевска, судијата Билјана Коцевска, поради настанати здравствени проблеми кои се утврдени од дежурен лекар на ден 01.07.2017 год.(сабота), беше спречена да учествува во одлучувањето. На местото на спречениот судија истиот ден во советот како член беше определен судијата Џенета Бектовиќ.

Според списите од предметот од страна на обвинетите лица, истиот ден, во 17:20 часот, во судската писарница е поднесено барање за изземање на судијата Дарко Тодоровски од одлучување по тој предмет. Како дознале обвинетите лица и одбраната за составот на советот, не ни е познато и не можеме да дадеме одговор ниту коментар за истото. Ако работата по предметот не е завршена, во согласност со чл.37 од ЗКП судијата чие изземање се бара е должен да престане со работење по предметот и за тоа да го извести претседателот на судот кој е должен да одлучи по барањет, пишува во соопштението.

Судијата Дарко Тодоровски соглсно чл.36 ст.5 од ЗКП дал изјава по повод поднесеното барање за иземање и ВД претседателот на судот одлучил по истото, го изземал судијата Дарко Тодоровски и за нов член на советот го определил судијата Марин Станевски.

На судијата Марин Станевски решението со кое е определен за член на совет му е врачено истиот ден во 23,30 час. кога судијата дошол во судот. Доколку по конкретниот предметот веќе било одлучено, ќе бил изготвен записник за советување и гласање и судијата Дарко Тодоровски ќе дал изјава со таква содржина, а барањето за изземање ќе било отфрлено.

Од погореизнесеното е видно дека при составувањето на советот е постапувано итно, со цел да се овозможи почитување на рокот од 24 часа во кој треба да се одлучи по барањето за притвор. Начинот на гласање при донесувањето на одлука е забележен во записник, тој претставува тајна и истиот може да му биде достапен само на повисокиот суд при одлучување по жалба.

Како течела работата по предметот, кој судија какво мислење имал и кој како гласал знаат само судиите кои учествувале во работата по предметот, а ниту ВД Претседателот на судот ниту кој бил друг судија или судски службеник не може да знае какво мислење имале судиите – членови на советот и не може да даде каква било информација на јавноста поврзана со тоа со тоа. Затоа во целост ги отфрламе сите објавени шпекулации поврзани со овој предмет, кои доаѓаат од анинимни извори, а за каква било евентуална нерегуларност странките имаат правно на жалба до повисоките судски инстанци, пишува во соопштението од Кривичниот суд.

Виктор Јованов