Критиките за Заев не значат и жал за Груевски

Од:

Занимлива, продуктивна и конструктивна дебата се одвива деновиве по форумите блиски на македонската левица, персонифицирана преку СДСМ како главен стожер на владата. Темата е дали и колку греши премиерот Зоран Заев со својата политика. Се изнесуваат најразлични мислења, ставови, оправдани и помалку оправдани критики, па и најниски навреди и пцости. Има тука и по некое лепење етикети на лична основа, обвинување за ширење дефетизам, минирање на референдумот, соработка со странски (руски) служби…со еден збор, блутканици полтронски мотивирани кон власта, баш, онака хард кор, во груевистички манир, за што мислевме дека е својствено само на омразениот нѝ режим.

Сума сумарум, критиката во левицата е инспиративна, вдаховена, антиципирачка, но и инцидентно политички вулгарна. Значи дека е слободна од секој аспект, но не и целосно култивизирана. Сепак е состојба која порано не можела да се идентификува во дискурсот на десницата, олицетворена во ВМРО-ДПМНЕ во периодот кога бил на власт. По само една година од владеењето на Заев и СДСМ, впечатливи се жестоки критики и од „своите“, присутна е самоевалуација каква во вмровскиот кампус немало ниту во последната година од власта на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. „Куртонски медиуми“ се нивна иновација, која во нашиот политички лексикон трајно ќе се толкува како безрезервен и полтронски однос на медиумот кон власта.

Тоа е квалитативната разлика помеѓу овие два краја на македонскиот политички спектар. Минимум демократичност и отвореност за внатрешна критика кај СДСМ секогаш постоело и опстојувало кога бил на власт, исто како што партискиот тоталитаризам била одредницата која го карактеризирала интерниот вмровски дискурс во најжестоките години од нивното последно владеење. Фасцинацијата со методите на Ќосето за инаку мислечките му е поиманентна на тој партиски дискурс, отколку толеранцијата како базична вредност на секоја демократска партија. Затоа, сѐ ова што сега се случува во етаблираната македонска левица – иако сте гласале за Заев и СДСМ, тоа не значи дека нема да ви бидат и предмет на критика, треба да биде лекцијата која мораат да ја совладаат и оние во десницата – дека лидерот и неговата екипа не се од Бога дадени и треба да бидат објективно опсервирани и критикувани уште од првиот ден кога ќе ја преземат власта.

Нема бланко доверба за политичарите

Искуството нѐ учи дека секогаш кога десницата била на власт, евентуалниот внатрепартиски антагонизам и судири им биле мотивирани исклучиво од лукративни причини, егоистично иницирани поради незадоволство од „неправичната распределба на пленот“. Осуди поради злоупотреба на власта и немањето одговорност за направените грешки воопшто не беа теми за нивни јавни критики. Таквиот вмровски јавен дискурс беше толку монолитен што не напукна ниту во еклатантни примери за забегано практицирање на власт какво што беше дивеењето по скопските улици на министерот Диме Спасов. Бранеа нешто што не се брани, со покорно молчење на мнозинството кое ѝ припаѓаше на вмровската јавност.

Оттука, заштитата на општиот интерес, спречувањето на злоупотребата на власт преку користење незаконски привилегии мора да бидат тригерите кои ќе го сензибилизираат и десничарскиот дел од јавноста и ќе го мобилизираат на јавна акција и реакција кога нивните повторно ќе дојдат на власт. Онака како сега се случува во владеачката левица.

А, токму таквата политичка култура сега испливува на површина кај многуте поддржувачи и членови на СДСМ и медиуми блиски до власта. Критика кон Заев и Владата за сите афери и скандали кои им се случуваат и барање одговорност. Револтот дополнително се зголемува и од арогантноста на Премиерот да го игнорира гласот на разум кој му се упатува и тврдоглаво да си тера како ништо да не се случува по хоризонтала и вертикала во системот кој тој го раководи.

На сите овие критички коментари упатени кон Заев „од неговите“, многумина од таборот на ВМРО-ДПМНЕ деновиве ликуваат, коментирајќи цинично „не ви чинеше Груевски“ и „ќе го барате Груевски“. Како да имаат ментална бариера да разберат дека мотивот е токму обратен: критиките кон Заев и Владата се упатени токму затоа што не сакаат да се повтори Груевски и неговиот начин на узурпација на власт бидејќи во свеста на овие граѓани владеењето на Груевски е јасно обележано како најтемниот период од постоењето на македонската држава. Да се сосече во корен и најбенигната појава која може да метастазира во злоупотреба на власт од груевистички тип е движечката енергија која ги тера граѓаните да реагираат. Затоа и никој од нив нема да го бара Груевски да се врати, а поради неговото владеење толку им се згадила и партијата ВМРО-ДПМНЕ што не би ја гласале најмалку онолку години колку биле на власт, а некои и трајно ја избришале како изборна опција.

Оваа распламнета јавност, после три децении практикување демократија во државата, покажува дека сѐ повеќе граѓани стануваат свесни дека ниеден политичар не смее да има бланко доверба затоа што искуствено осознале дека човекот, како политичко битие, е расиплива роба. Многу побрзо расиплива и од мајонез на летни температури. Сега се моите пет минути и морам да ги искористам за сѐ што ми се пружа – е доминантното кредо на македонските транзициски политичари. Токму поради таквата брза расипливост на човечкиот материјал, некои граѓани, уште од првиот ден кога се формираше Владата, се позиционираа критички кон оние на кои им ја дале довербата да управуваат со институциите и да располагаат со парите во буџетот.

Критика на власта за која си гласал

Колку и да звучи несфатливо за некои поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, висока политичка култура на еден граѓанин значи дека тој како најжесток следбеник на една партија кога е во опозиција, треба да биде нејзин критичар кога ќе ја освои власта. Таквиот граѓанин постојано треба да ја има на ум изреката дека секоја власт расипува, а апсолуната власт апсолутно расипува (Талеранд) или нејзината реплика: „не е вистина дека власта ги расипува луѓето – вистина е дека будалите кога ќе се домогнат до власт, тие ја расипуваат власта“ (Бернард Шо). Која год изрека да се преферира, едно е јасно: сѐ е менливо, па и власта, само државата (треба да) е вечна.

Затоа многумина од оние вмровци, кои деновиве ликуваат на критиките упатени кон Заев и Владата, а се декларират дека се големи патриоти кои ја сакаат Македонија и името не го даваат, нека се прашаат каде беа тие кога многу поголем криминал и коруптивни скандали се случуваа во владата која тие здушно ја поддржуваа!? Имаа ли упатено некоја јавна критика до раководството и лидерот или опортуно молчеа? На што им личеа дискусиите на последниот конгрес во Куманово, после сите ислушани бомби?

Со таков криминален багаж на контото на ВМРО-ДПМНЕ, пред нив е долг период на преиспитување, внатрепартиска реформа, катарза, одрекување, и, на крајот, осуда на раководството кое владееше со Македонија од 2006 до 2016 година. Дури потоа ќе можат да помислат да ја нападнат власта и да се надеваат на победа на избори. Доаѓањето на власт сигурно ќе бара и многу улични протести, нивни Шарени револуции, блокади, себе жртвувања. Ако успеат да ја реформираат партијата ќе имаат и ентузијазам и желба да ја променат, како што сега тврдат, предавничката, криминалната и коруптивната власт на Заев. Не сакам да верувам, но можеби ќе бидат и во право бидејќи искуството нѐ учи дека секоја нова власт кај нас почнувала со ветување за чесност, а завршувала длабоко компромитирана со коруптивни скандали.

Затоа, секогаш кога ќе се обидат да ги рушат туѓите и да ги донесат на власт своите, нека имаат на ум дека секоја власт расипува, па и нивната или дека и меѓу нив ќе има будали кои ќе се докопаат до власт. Дијалектиката на демократијата е безмилосна: не е прашање дали ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе дојде на власт, туку прашање е кога тоа ќе се случи. Времето е релативна категорија, за некого брзото е бавно, за друг бавното е брзо. Мој совет им е: опозиција на секоја власт, па и на онаа за која ќе гласаат! Критика уште од првиот ден, баш како сега прават „комуњарите“.

Д-р Ненад Живановски