Американскиот републикански конгресмен Кристофер Смит, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека побарал Конгресот да ја истражи улогата на американската амбсада во земјава предводена од амбасадорот Џес Бејли, откако “кредибилен извор“ од Македонија му предочил дека амбасадата поддржувала левичарски медиуми и невладини организации кои, според него, заземале страна на изминативе избори. „Ако немало проблем, јас ќе речам алелуја, но тоа мора да биде истражено“, вели тој.
Смит, за оваа теза која е иста како таа на ВМРО-ДПМНЕ, неодамна побара истрага во Конгресот за политизирањето на улогата на американската амбасада во Скопје и на амбасадорот Џес Бејли. На прашањето дали САД треба да продолжат со поддршката за работата на СЈО, тој вели дека истрагата за наводни злоупотреби треба да биде агресивна и без агенда.
Смит открива дека свиркач од Македонија му пренел некои вознемирувачки информации дека амбасадата во Скопје поддржувала крајно левичарски веб сајтови и невладини организации кои заземале страна на изборите и затоа тие обвинувања треба целосно да бидат истражени.
Американскиот Стејт Департмен му изрази поддршка на амбасадорот на САД во земјава неколку дена откако Смит со уште 5 конгресмени побараа истрага за Бејли. За ова Смит вели:
– Факт е дека некој во Стејт департментот рекол дека амбасадорот Бејли ужива целосна поддршка. Добро, сега истражувајте. И искрено, ако испадне дека нема ништо од овие обвинувања, тоа ќе биде фантастично и јас ќе го поздравам тоа. Но, јас имам случаи во минатото кога сум бил принуден да одам до ОИГ за да дојдам до вистината преку истрага- вели Смит.
Амбасадорот Бејли со истите тези кои ги застапува Смит беше напаѓан во изминатиот период од функционери на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која години наназад склучува скапи договори со лоби групи од САД коишто се плаќаат и по 50,000 долари месечно за да ги промовираат нејзините интересите пред американските институции. Се плаќаа и написи и колумни во одредени американски медиуми за “големите успеси“ на економси план.
Смит, кој е дел од Конгресната група за Македонија, неодамна оствари средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на која изрази импресионираност од неговото лидерство.