Комората на стечајни управници на Република Македонија денеска со свечена академија го одбележа 10-годишниот јубилеј.
На академијата, како што информираат организаторите, свои обраќања имале претседателот на Комората на стечајни управници на Република Македонија Ацо Петров, заменик министерот за економија Кире Наумов, претставникот на делегацијата на ЕУ во Македонија, Јаромир Левичек и тим лидерот на Проектот за зајакнување на административните капацитети за имплементација на законската рамка за стечај и ликвидација на трговските друштва Красин Димитров.
Заменик министерот за економија Кире Наумов, изјави дека усогласувањето со европската легислатива бара и континуирано проширување на знаењата на стечајните управници за подобрувања во дејствувањето.
– Тековните податоци говорат за околу 1.000 активни стечајни постапки, со тоа што уште околу 8.000 трговски друштва се на проверка во УЈП, а зависно од утврдената состојба, се очекува дека за добар дел од нив ќе биде предложено отворање стечај, изјави Наумов.
Ваквиот обем на работа, според Наумов, претставува сериозен предизвик за постојните 56 лиценцирани стечајни управници.
Посочувајќи ја потребата од реструктуирањето на инсолвентните фирми, претставникот на делегацијата на ЕУ во Македонија Јаромир Левичек , истакна дека според податоците презентирани пред две години од страна на еврокомесарот за правда, потрошувачи и родова еднаквост, во ЕУ 200.000 фирми банкротираат на годишно ниво, што резултира во директно губење на 1,7 милиони работни места секоја година.
Со вакви поразителни цифри, истакна Левичек, ЕУ се труди да ја модернизира правната рамка за инсолвентност, а новиот пристап се фокусира на реструктурирање на фирмите наместо нивна ликвидација.
Во своето излагање претседателот на Комората на стечајни управници Ацо Петров истакна дека динамичните промени создаваат простор и за нови насоки во дејствувањето на Комората.
– Со подобри решенија, вградени во европските добри практики, со подобри контролни механизми, би сакале и постапна промена на сфаќањата според кои стечајот самиот по себе се прифаќа како банкротство истакна Петров.
Досега донесените директиви во овој домен, според Петров, а особено онаа која се однесува на санацијата и реструктуирањето, за нас претставува повик за активно ангажирање во оваа насока.
По повод 10 годишниот јубилеј, како израз на благодарност за придонесот во создавањето, развојот и поддршката на дејствувањето, на членовите на Комората, како и на институциите со кои е соработувано, беа врачени пригодни благодарници.
