Комитет за заштита на правата: Советот на ЈО врши правно насилие врз СЈО

Од:

Комитетот за заштита на правата изразува голема загриженост од постапувањето на Советот на јавни обвинители, бидејќи како што велат ова тело не постапува во согласност со законот и самоволно си додава надлежности кои не му припаѓаат односно ги пречекорува службените овластувања.

„Противправното вмешување и обидот за блокирање на работата на Специјалното јавно обвинителство е правно насилие. Овој нечовечки акт за непосредна последица има малтретирање на обвинетите и семејствата, особено во случајот „Шпион“, во кој случај еден обвинет почина во текот на постапката, а неколкумина се потешко болни. Тие се најзасегнати затоа што за другите случаи за кои Советот наводно интервенира се предмет на аболиција“, се вели во соопштението испратено до медиумите.

Специјалното јавно обвинителство, објаснуваат од Комитетот, воспостави стварна надлежност врз случајот „Шпион“ согласно неговите законски надлежности врз основа на доставените материјали кои произлегуваат од прислушуваните разговори. За сето ова навремено е запознаен Апелациониот суд Скопје и Вишото јавно обвинителство, како и Основниот суд Скопје 1 и се остварува регуларна меѓусебна соработка, а тоа на Советот на јавни обвинители му е познато.

„Комитетот го препупредува Советот дека нема потреба од никаква лажна загриженост по било кој основ. Обидот за навлегување во тајноста на истражната постапка и во доверливоста на содржините е без преседан и е тешка повреда. Членовите на Советот треба реално да бидат загрижени за почитувањето на уставните и законските гаранции за слободите и правата на обвинетите и за последиците од повредите од секаков вид“, се наведува во тектот.

Комитетот ги поттикна и подучи обвинитите во случајот „Шпион“ да се обратат со протесни дописи, преставки и ноти до сите домашни и меѓународни институции и организации, кои работат на полето на правдата и човековите права.

„Очигледно е дека политичките манипулации во правосудството бескрупулозно продолжуваат без оглед на напорите за враќањето на нормалноста, владеењето на правото и неселективноста на правдата. Политичко-полициските монтирања во правосудството дрско продолжуваат! Историјата познава еден факт: правното насилие и неправдата, нечовечноста и инаетот може да роди само уште поголемо насилие“, порачуваат од Комитетот.