Хамди Бајрамовски, познат во јавноста како командант Бреза од селото Брест, по 22 години бегство, синоќа е уапсен во скопската населба Ченто. За Бајрамовски беше распишана меѓународна потерница.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, акцијата ја извршиле припадници на Секторот за меѓународна полициска соработка.
– На 02.06.2025 на подрачјето на Гази Баба во Скопје, полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка го лишија од слобода Х.Б.(43) од Скопје. Тој бил баран по потерници за издржување казна затвор од пет години за сторено кривично дело „разбојништво“ по член 237 од Кривичниот законик и затворска казна од шест години за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ по член 215, како и за повеќе истраги за повеќе сторени кривични дела со мерка притвор по член 396, член 123 став 1 и став 3, член 396, член 158 и член 237 од Кривичниот законик.Лицето е предадено во Казнено – поправната установа Затвор Скопје за издржување на казните, информираше МВР.