Колкав заем за новиот клинички ќе бара Владата ќе каже на крај на мај

Од:

Владата го задолжи Министерство за финансии да почне постапка за барање заем за изградба на новиот клинички центар, но точната сума колку пари ќе бара на заем ќе се знае за на крајот на мај. До тогаш, според владиниот портпарол Миле Бошњаковски, австриската компанија АХАЕ треба да ја заврши физибилити студијата која треба да одреди колку пари ќе требаат за изградба на новиот клинички центар.

„Оваа физибилити студија ќе биде завршена на крај на мај и тогаш ќе ја знаеме точната финансиска конструкција која што во текот на времето може да претрпи измени, но почетната ќе ја знаеме тогаш, на крајот на мај. Тоа што две недели порано го иницираме процесот, тоа значи дека нашите институции, во овие две недели за завршување на физибилити студијата ќе се обратат до меѓународни финансиски организации, меѓународни банки за изразување интерес. Сакаме да ги започнеме процесите со цел да бидеме подготвени целиот процес да се одвива според зацртаната динамика. Тоа значи дека во моментов ќе го провериме интересот за финансирање, кон крај на мај ќе ја објавиме и бројката“, рече портпаролот Бошњаковски.

Тој нагласи дека доколку се тече според предвидената динамика, темелите за новиот Клинички центар во месноста Веле Поле во општина Ѓорче Петров може да бидат поставени до крајот на годинава.

За новиот Клинички центар министерот за здравство Венко Филипче најави дека се предвидени 480-500 илјади евра, но оваа бројка рече дека може да се смени по изработка на физибилити студијата. Доколку се избере пакет од готов проект и изведувач, министерот најави дека ќе се преполови времето во кое би бил изграден новиот клинички центар бидејќи нема да се распишуваат поединечни огласи.

Маја Илиевска-Пачемска