Околу 250 деца од Ресен со импровизираната пештера во која се родил Исус Христос денеска продефилираа низ градските улици, пеејќи ја коледарската песна „Вечниот Бог“ со што по втор пат во Преспа да се одржи свечена коледарска литија.
Настанот се одржа под покровителство на градоначалникот Ѓоко Стрезовски, а во организација на општина Ресен и ресенското архиерејско намесништво на Македонската православна црква. Почна во храмот „Свети Кирил и Методиј“, а се движеше низ улиците „Борис Кидрич“, „29 Ноември“, „11 Октомври“ и плоштадот „Цар Самоил“. Заврши во општина Ресен, каде градоначалникот им подели бижиќни пакетчиња на учесниците.
– Коледарската литија во организација на Преспанското намесништво се одржува по втор пат во Ресен и се надевам дека во духот на славење на нашата традиција ќе продолжи и во иднина. Општината секогаш ќе го помага овој настан во насока на потенцирање на нашите традиционални вредности и во духот на меѓусебното разбирање и почитување, рече Стрезовски.
По приемот во општината беше организран заеднички ручек за сите деца, преспанското намесништво и градоначалникот.
Прв пат коледарска литија низ ресенските улици се одржа минатата година кога околу 150 дечиња со песната „Вечниот Бог“ продефилираа низ улиците во градот.