Претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјев, испрати соопштение во јавноста во врска со скандалите кои овие денови му се припишуваат на ова тело. Тој вели дека одлуките се носат колективно преку поединечно гласање на секој член.
„Кандидатот Марија Ѓорѓева ги исполи условите дадени во огласот и при гласањето ја доби довербата на сите останати членови на Советот на јавните обвинители. Што се однесува до моите роднинските односи со кандидатот, како претседател на Советот сметам за потребно да укажам на одредбата од член 3 став 1 точка 5 од Законот за спречување на судир на интереси. Имено, во наведената одредба како блиски лица таксативно се наведени степените на сродство по крв по права линија, во странична линија до четврти степен и по сватовство до втор степен. Родбинските релации меѓу мене и кандидатот не влегуваат во наведените степени на сродство. Сепак, при спроведувањето на постапката за избор на овој кандидат се воздржав од гласање. Во истата насока упатувам на образецот на Државната комисија за спречување на корупција – Изјава за интереси, согласно која во рубриката ангажман на блиски лица, во делот на објаснувања како роднини по сватовство во втор степен таксативно се наброени татко и мајка, брат и сестра и братучедите на брачниот другар. Овде повторно овој степен на сродство не е опфатен и со тоа е елиминирана можноста за судир на интереси“, напиша Штерјев.
„Во делот на гласањето за кандидатот Лидија Раиќевиќ, ја известувам јавноста дека таа досега не била избрана со мандат во тоа обвинителство. Истата во неколку наврати само беше времено упатувана во тоа обвинителство. Од тука, не станува збор за нејзино не реизбирање, туку за редовна постапка во кој не го доби потребниот број на гласови на членовите на Советот. Информациите за тоа по кои предмети постапувала обвинителката Раиќевиќ ниту мене , ниту на членовите на Советот не можат да ни се познати. Имено, Советот доаѓа до сознанија за предметното постапување на обвинителите само по поднесена претставка“, додава претседателот на Советот.
„Сообраќајната незгода од 28 декември 2017 година, во која на патниот правец Скопје – Штип, на влезот во Штип, со службеното возило Шкода Октавија кое лично го управував, бидејќи Советот нема вработен возач, се случи во работен ден – четврток, во работно време – околу 12.00 часот напладне, за време на службен пат, за службени цели со уреден патен налог. За незгодата е повикана увидна екипа на СВР Штип и извршен е увид, при што е презентиран патниот налог, а за што постои Записник. Поправката на возилото ќе биде завршена на начин и постапка предвидени во закон“, пишува Штерјев до јавноста.
В. М.
