Политиката во областа на јавните давачки на државата покажува огромна хаотичност и неконзистентност во изминатиот период, па наместо да се димензинира да направат фер услови на пазарот и да се стимулира конкурентност и напредок, со јавните давачки се задоволуваат единствено потребите и амбициите на политичарите да си финансираат определени нивни замисли и желби, без оглед на јавното мислење и општото добро. Уште повеќе, државата во определени сфери не само што неконтролирано се однесува со наметнувањето на јавни давачки, туку и прави државни монополи или вештачка конкуренција финансирана со државни пари која дополнително ја нарушува конкурентноста и фер условите на пазарот.
Така на пример, во 2013 година државата пропиша дополнителни 3% на јавната давачка од 20%, или вкупно 23% на приходите на казината и обложувалниците. Причините не беа ниту индиректни поврзани со оваа дејност, туку некој сакал да се создаваат филмови и филмска индустрија, па средствата за тоа решил да ги собере од приредувачите на игри на среќа со што директно се намалија нивните добивки. Се разбира, уште на самиот почеток беше сомнително ваквото решение од уставен аспект, што и се докажа после одлуката на Уставниот суд во 2016 година, кога го укина ова дополнително оптоварување.
Меѓутоа, Уставниот суд иако донел одлука, државата уште истата година повторно си ги наметна дополнителните 3%, но сега по поинакви основи, наводно сега за развој на спортот и здравството, со што повторно ги оптовари приходите на приредувачите, па остана товарот од 23%, на сметка на намалување на добивките.
Меѓутоа, за сметка на добивките на приредувачите на игрите на среќа, државата само по основ на давачката од 23%, заедно со даноците и придонесите од вработените во овој сектор, персоналниот данок на добивките од игри на среќа и средствата од лиценци остварила директен прилив во буџетот за 5 години (од 2012 до 2016) од околку 630 милиони евра:
Прашањето е дали државата навистина ги потрошила овие средства во секторите филмска дејност, здравство и спорт? За кои проекти и во чиј интерес, односно едноставно кажано дали овие пари се потрошени за вистинските потреби на македонските граѓани?
Имено во законот за игри на среќа е определено дека државата за национални инвалидски организации, здруженија за борба против семејно насилство и Црвен крст предвидела да издвои не повеќе од 2 милиони евра, односно за 5 години тоа се 10 милиони евра. За финансирање на спортот државата пропишала да потроши не повеќе од 800.000 евра на годишно ниво, односно за 5 години тоа се 4 милиони евра и дополнително 7% да распределува за Агенцијата за промоција на туризмот.
Ако се прифатат податоците дека државата прибрала 630 милиони евра, а расходите за законски предвидените намени се приближно 30 милиони евра, прашањето е каде се потрошени и во чиј интерес останатите 600 милиони евра?
За потсетување, во сите земји од регионот од средствата прибрани по основ на игри на среќа се издвојуваат од 40% до 60% за намените кои се дефинирани во законите, а во основа тоа се спорт и социјално ранливи категории.
Од друга страна, јавната давачка од 23% не се однесува на приходите на Државната лотарија на Македонија, нема давачка за лиценца, не плаќа гаранции за околу 1300 апарати кои ги има поставено, а директно им конкурира на приредувачите на игри на среќа. Државната лотарија е основана, направена и се развива и работи на товар на буџетот, односно со народни пари, а од најновите нацрт измени на законот за игри на среќа произлегува дека повторно е со доминантна позиција во регулативата. Прашањето е зошто за државната лотарија не се пропишува да плаќа 23% на приходите од ВЛТ апаратите, да плаќа лиценца за секој локал каде ги поставила овие апарати, гаранции по апарат? Прашањата се логични, зашто овие давачки директно ќе ги зголемат буџетските приходи, но исто така ќе обезбедат и одговорно поставување на апаратите на оддалеченост од 300 метри од училиштата. Исто така сомнително е зошто државата кај својот монопол одбегнува електронски 24 часовен надзор над приходите, како кај приватните приредувачи и зашто нема транспарентност на ревиорските извешати?
Зошто за државната лотарија не се пропишува ВЛТ апаратите да не бидат постари од една година, како кај приватните приредувачи и зошто не важат обврските за увоз преку т.н. лиценциран увозник и дистрибутер?
