Кој бара апанажа: Двајца од „Беса“ и Димитров се пријавиле, дел молчат, други се откажуваат

Од:

Двајца поранешни министри и еден вицепремиер се досега пријавени да земаат апанажа во следните девет месеци, дознава „А1он“.

Ексминистерката за образование Мила Царовска и ексминистерката за одбрана Радмила Шекеринска не одговараат на прашањето дали и тие ќе бараат од Собранието да им се овозможи правото да земаат надоместок во висина на нивната плата додека да најдат нова работа. Само Ирена Стефоска, поранешна министерка за култура и вицепремиерот Никола Димитров ги открија плановите. За дел од министрите, познато е дека се враќаат на поранешната професија, додека пак, дел се повторно на високи функции.

Првиот министер кој веќе има поднесено барање за апанажа е поранешниот министер за земјоделство, Аријанит Хоџа од партијата „Беса“. Тој во следните девет месеци, ќе добива пари од државата. Овој период може и да се скрати, ако Хоџа сам побара или пак, биде работно ангажиран. И вториот министер доаѓа од истата партија, тоа е Седат Сулејмани, ексминистер за култура кој функцијата ја извршуваше три месеци. И тој во наредните девет месеци, по неговото барање, ќе зема апанажа.

Поранешниот вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, е третиот кој ќе поднесе барање за апанажа. Тој за „А1он“ образложи зошто се одлучил на овој чекор.

„Јас при влегување во владата откажав ангажман во меѓународен институт во Париз и сум човек што живее од плата. Не сум од тие кои покрај работата имаат бизниси. Додека не се организирам, ќе користам апанажа“, вели Димитров за „А1он“.

За разлика од нејзиниот заменик, министерката за култура, Ирена Стефоска, нема да користи апанажа. Таа се враќа на академската кариера и веќе започнала со работа.

„Јас сум редовен професор. Ниту мислам, ниту на сон помислувам на апанажа. Јас сум во работен однос во Институтот за национална историја. Си ја продолжувам академската кариера“, посочи Стефоска за „А1он“.

Непознато е како ексминистерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, ќе ја продолжи нејзината кариера.

Претходно, поранешниот премиерот Зоран Заев за „А1он“ изјави дека и тој се откажува од апанажа. Посочи дека ќе биде вработен во некоја од неговите семејни фирми, а од државата ќе побара само обезбедување кое му следува по закон.

Како што е веќе познато, ексминистерот за здравство, Венко Филипче, се врати на Клиниката за неврохирургија. Неколку денови по заминувањето од функцијата, објави и фотографии на социјалните мрежи за успешно изведена операција.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, и натаму ќе зема државна плата. Овојпат, наместо министерска, тој ќе добива вицепремиерска, бидејќи е преместен да го води ресорот за евроинтеграции, кој претходно го имаше Димитров.