Кочо Андоновски: Кој е тој традиционален брак што се штити?

Од:

Женската Алијанса разговараше со Кочо Андоновски, програмскиот директор на ЛГБТИ центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, за евентуалното уставно дефинирање на бракот и можните последици од тоа, по вчерашното усвојување во Собранието на предлогот за пристапување кон измени на Уставот.

Со оглед на тоа дека вчера беше усвоен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за пристапување кон уставни измени, каде една од точките предвидува уставно дефинирање на бракот како заедница помеѓу еден маж и една жена, кој е твојот став во врска со тоа, како тоа би се рефлектирало на правата на ЛГБТИ заедницата во Република Македонија и кои би биле евентуалните последици доколку истата измена се усвои?

Најнапред мислам дека е застрашувачки што се пристапува кон менување на највисокиот акт во државата во услови на најголема политичка криза која ја има задесено современа Република Македонија, без опозиција во Собранието. Тоа укажува на крајна авторитарност на оние кои се на власт, крајна ароганција и покажување на моќ или надмоќ над сите акти и системот воопшто на државата – тоа е застрашувачки и треба да е алармирачки за сите нас.

Во однос на измените кои се однесуваат на дефинирање на бракот само како заедница помеѓу еден маж и една жена, сметам дека е небулоза која токму пред неколку дена имавме жив пример дека е навистина небулоза во Хрватска. Тие пред една година го изменија уставот, утврдија дека бракот е само помеѓу еден маж и една жена и пред три дена усвоија Закон за животно партнерство. Така што, ова е само замајување на народот, одвлекување од вистинските проблеми и не сметам дека ќе има некоја долгорочна и страшна последица врз ЛГБТИ заедницата заради тоа што заедниците во современиот свет и не мора да се викаат брак за да ги имаат истите функции, да можат да се озаконат со истите функции како и бракот. Терминологијата е многу малку важна.

Што се однесува до луѓето кои ги бранат овие идеи, повеќето од нив се разведени луѓе и бранејќи традиционален брак сметам дека ја покажуваат точно хипокризијата во најжестоката своја варијанта, заради тоа што традиционалниот брак знаеме дека не признава разводи. Исто така, традиционалниот брак вика дека родителите треба да го договорат бракот и дека младенците треба покорно да извршат (н.з. нивната волја). Традиционалниот брак подразбира вадење на чаршав наутро со крв за да се докаже невиноста на невестата. Јас не гледам дека сите овие елементи се зачувани како би рекле дека имаме традиционален брак. Оттука е нејасно кој е тој традиционален брак што се штити?

Цела оваа небулоза е замајување на јавноста без поголеми последици. Единствено треба само да се смееме на хипокризијата и на малоумноста на оние кои го предлагаат ова.

Еден од аргументите на оние пратеници кои се произнесоа ЗА, меѓу кои и Авдија Пепиќ од Странка на демократска акција на Македонија, беше дека „разорувањето на семејството е една од темите страни на прогресот и тоа треба да се стопира“. Меѓу другото, пак, од друга страна имавме еден интересен аргумент, иако не знам колку е доволно проверен, а тоа се однесува аконто оние земји каде што веќе се воведени промени, односно веќе е направено редефинирање на бракот. Во земјите со поинаков третман и дефинирање на бракот се имало сознанија, според Стојан Миланов од Социјалистичка партија на Македонија, за нестабилни брачни заедници, напуштени мажи, жени, потомства, а најголемите последици ги чувствуваат децата. Дали сметаш дека доколку евентуално некогаш во Република Македонија би се усвоил Закон за животно партнерство, како што тоа беше случај со Република Хрватска која го направи тоа пред два дена, би имало евентуално некакви последици врз традиционалното македонско семејство кое овие демохристијански ориентирани партии денес толку многу го штитат?

Значи, уште еднаш ќе повторам дека јас не разбирам кое е тоа традиционално семејство и кој е тој традиционален брак кој се брани. Она што го означува традиционалното семејство и традиционалниот брак, во Македонија одамна не постои. Затоа е нејасно кој е тој традиционален брак и кое е тоа традиционално семејство кое они го бранат.

Второ, во нашата држава без да има регистрирани партнерства или геј бракови, разводите се во постојан пораст во последните педесет години – ние имаме повеќе разводи отколку бракови во последните година. И бракот очигледно како институција е во длабока криза, очигледно треба реформа на бракот како институција. Но со вакво запечатување во Уставот всушност се помага во умртвувањето на бракот како институција.

Небулозите кои како аргументи ги искажувале некои, за да е иронијата поголема, од Социјалистичка партија, се само небулози и лаички, непрофесионални и крајно дегутантни тврдења кои не наоѓаат основа во ниту една научна мисла или истражување.

Што се однесува, пак, до западните демократии, таму – колку што јас знам – истражувањата покажуваат дека се повеќе луѓето ги користат поволностите кои ги нудат животните партнерства или регистрираните партнерства или цивилните унии, различен наслов имаат во различни држави. Така што, јас не гледам никаква опасност во тоа, ниту некој друг гледа. Ова е чисто замајување на народот.

Во крајна линија, доколку се усвои уставната измена за дефинирање на бракот во самиот Устав, дали тоа ќе остави простор за утре ден да се донесе сличен закон како оној во Хрватска за истополово партнерство или едноставно ќе се забетонира дискриминацијата и нема да бидат воопшто никогаш во иднина препознаени истополовите парови?

Колку и да сака некој да оди против природата и историјата – не може. Значи, сè тече и се менува. Никој не може ништо да забетонира. Ниту некогаш можел, ниту може во денешно време. Тоа е небулоза која не е остварлива. Едноставно е смешно да се гледа и слуша сето ова што се случува денес. Хрватска многу јасно укажа на небулозата која нам ни се случува во овој момент.

Во однос на трајни последици – истиот одговор – не постои нешто што е трајно, сè се менува. Општеството е жив организам и тој организам се менува во сообразност со луѓето кои живеат во тоа општество, потребите на тие луѓе кои живеат во тоа општество и свеснота на тие луѓе да си ги бараат своите права и да ги исполнуваат своите потреби во општеството во кое живеат.