Граѓаните се соочуваат со кривични пријави за напад на службено лице, мерка кон која посегнува МВР, скоро секогаш кога овластените лица се соочени со жалба поради употреба на прекумерна сила. Овој инструмент на полицијата влијае на жртвите во процесот на продолжување на започнатата постапка, односно во отстапување од понатамошниот тек на постапката за евентуална судска разрешница на истата.
Вкупно 20 предмети со 23 жртви на полициска злоупотреба на овластувања тортура или брутално постапување се регистирани во 2012 година, соопшти коалицијата „Сите за правично судење“, во рамките на Извештајот од проектот „Поддршка на човековите права“.
Во извештајот се вели дека од поднесените жалби за полициска тортура од припадниците на МВР, се евидентирани 54 сторители, од кои еден е началник на локална полициска станица.
Најголем дел од жалбите за полициска тортура или непостапување, се однесуваат на психолошкиот притисок врз жртвите да се откажат од некое нивно право, како и употреба на физичка присила врз истите.
За разлика од минатите години кога жртвите пријавуваа физичко насилство од страна на полицијата, во 2012 година жртвите најчесто се жалат поради непостапување на службените лица, односно неуспех на полицијата да го заштитат животот и имотот на граѓаните, стои во соопштението на коалицијата.
„Коалицијата за правично судење“ соопштува дека нема ниту еден регистиран случај на полициска тортура или непостапување за граѓаните од албанската етничка заедница. Најголемиот дел од регистрираните случаи се граѓани од македонска и ромска националност, каде се евидентирани по 10 жртви од двете етнички заедници.
Регистриравме и 3 случаи на жртви кои се од турската националност. Овој податок доведува до можен заклучок дека припадниците на албанската етничка заедница не пријавуваат случаи на полициско не постапување или тортура. Во однос на старосната структура на жртвите, и во 2012 година предничат жртвите мажи во однос на жените. Особено загрижува фактот што годишната возраст на жртвите е се пониска, споредбено со претходните години. Така, најмладата жртва на полициска торутра минатата година имала под 16 години – се вели во соопштението.
Петар Клинчарски