Ќосето во хангар на МЗТ чека судска одлука за пак да биде поставен

Од:

Споменикот на Андон Лазов Јанев, познат како Ќосето или Касапот, половина година по дислокацијата, сè уште е во хангарите на „Металскиот завод Тито“ („МЗТ заеднички работи“ АД), потврдија оттаму за „А1он“. Од „МЗТ заеднички работи“ велат дека на 4 јули бил направен увид од судот и странките во постапката.

Од Општина Сопиште, пак, која го побара споменикот за да го постави, за „А1он“ велат дека ќе ја почекаат одлуката на Основниот суд Скопје 2, каде што „РЖ Институт“ го тужи Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин на Ташко Јованов бидејќи ѝ должи на леарницата 600.000 евра за леење на петте споменици што ѝ ги донира на Општината. Еден од нив е и на Ќосето. Леењето на спомениците сè уште не е платено поради што леарницата по судски пат си побара од Здружението наплата на долгот.

„Се обративме писмено до Здружението, но досега одговор не добивме“, рече општинскиот портпарол за „А1он“ и додаде дека ќе ја почекаат одлуката на скопска „двојка“. Ќосето беше преместен на 22 февруари, при што првин беше дислоциран споменкот, а потоа беше урнат постаментот и на неговото место сега е засадено дрво. Министерството за култура констатира дека е дивоградба, а СЈО отвори истрага за сомнителни донации на патриотското здружение. Увидот во магацинот на МЗТ судот го закажа за 4 јули.

Васко Маглешов