Камперите пред Влада: Ние имаме време да бидеме тука, Груевски нема

Од:

Шатори, ќебиња, маси, столчиња – атмосферата пред Владата потсетува на летен камп.

Камперите утринава се весели и расположени, пиеја кафе и појадуваа.

„Кампот“ е исчистен од вчерашната забава, на асфалтот не може да се види ниту едно пластично шише или, пак, хартија.

– Нема да си заминеме сè додека премиерот не даде оставка и си замине од функција. Не е државата наследство што му го оставиле неговите родители за да може да ја уништува како што сака – велат оние кои вечерта ја поминаа во шатори пред Владата.

Велат дека добро спиеле и вечерта им поминала мирно и без никакви проблеми.

Сите со кои разговаравме се согласни дека и оваа ноќ ќе бидат таму.

– Ние имаме време да седиме тука, Груевски нема – ни рече Васко Ковачевски од СДСМ.

За денешниот ден веќе има направено програма: средување на кампот (чистење, организација, логистика); диџеј Цена (мак-ретро), прес-конференција, женски базар, рекреација и спорт, трибина, музички настапи и проекција на филмот „Животот е убав“.

Извор: Мета