Јовески нема да се сретне со Боки 13: Испратив обвинител во затворот, но тој не пријави ништо, имаше многу можности

Од:

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески за „А1он“ вели дека нема да се сретне со Бојан Јовановски, познат како Боки 13, но и дека кривичните дела за кои вчера зборуваше имал безброј можности да ги пријави и досега.

Јовески вели: „Тој мисли дека со мене може да постапува како со градоначалниците кои ги викаше на состаноци за да градат старечки домови, но тоа кај мене не поминува“, и посочи дека Јовановски нема интегритет за да се сретне со него.

„Кривични дела не се пријавуваат кај републичкиот јавен обвинител, туку во Обвинителството. Тој еднаш побара средба со јавен обвинител, јас испратив и беше посетен во притворот, со присуство и на неговиот бранител, со намера ако има докази и сака да пријави, да земе кривична пријава на записник. Ако Бојан Јовановски немал доверба во обвинителот кој ја водел истрагата, судењата беа јавни, тој можеше да изложи и какво дело и со кои докази располага, доколку има закани да каже кои се закани и од кого се тие закани. Но, Јовановски никогаш не презентираше сериозни докази или наводи. Мислам дека сè уште го држи тоа, дека може со сите да постапува како што правеше со градоначалниците и новинарите кои ги собираше. Тој си прави забави и сака и мене да ме вовлече во нив. Правото е сериозна работа“, вели Јовески за „А1он“.

За последните тврдења на Јовановски дека „парите земени од рекет во Македонија“ завршиле кај Заеви, републичкиот јавен обвинител Јовески вели дека од една страна тврдењето е противречно.

„Ако ја анализиравте одбраната, како што знам јас преку вас медиумите, беше дека нема пари во торбата. Сега по објавувањето на пресудата вели прашајте ги Заев и брат му каде се парите. Противречно е. Тој е во елемент да прави шоу и забава, а кривичното право е сериозна работа“, смета Јовески.

Јовески негираше дека досега било пријавено од Јовановски или неговиот бранител Дуковски дека за време на притворот била вршена присилба врз него за да напише писмо кое било испратено до медиумите.

„Тој не е единствен притвореник. Никој не се пожалил дека има присилба врз некого. Кој ќе ја примени? Тие се во притворска единица, таму има ред. Тој може да побара хартија, пенкало, да испрати писмо преку судот. Ако е така, јас во затворот испратив обвинител и записничар, со мое полномошно каде можеше да пријави, а беа таму заедно со неговиот бранител за да не се доведеме во ситуација да може да манипулира и кажува дека бил принудуван, малтретиран. Имал многу, многу можности и шанси да пријави и да достави докази за наводите“, смета Јовески.