Јовановски: Груевски направи катастрофални промашувања во проценките

Од:

Премиерот Никола Груевски направи катастрофални промашувања во предвидувањата за економскиот раст на македонската економија – истакна денеска на прес-конференција потпретседателот на СДСМ Зоран Јовановски.

– Во 2009 година, премиерот Груевски предвиде раст на македонската економија од 5,5 %. Се случи катастрофално промашување, наместо со раст, годината заврши со пад на економијата од 0,9 %. Во 2012 година, се повтори сликата. Премиерот Груевски предвиде раст на македонската економија од 4,5 %, а не само што немаше било каков раст, туку годината заврши со пад од 0,3 % – рече Јовановски.

Според него, промашувањата не се случајни.

– Промашените предвидувања се смислени лажни ветувања на ВМРО-ДПМНЕ, кога нема никакви резултати вештачки да се создава нереален оптимизам дека работите ќе одат на поарно. И секогаш ги слушаме истите муабети од власта. Ако не сега, работите ќе станеле подобри во втората половина на годината. Ако не годинава, тогаш наредната година. И така во круг, до бескрај – истакна Јовановски.

Тој рече дека лажните очекувања што ВМРО-ДПМНЕ со години ги создава, имаат висока цена којашто ја плаќаат граѓаните.

– Којзнае колку мали фирми и граѓани минатата година влегле во некаква инвестиција и зеле кредит од банка затоа што му поверувале на премиерот Груевски дека македонската економија ќе се раздвижи и ќе има висок раст. Бидејќи ветувањата на власта не се остварија и се покажаа како лажни, сите тие мали фирми и граѓани сега се заглавени до гуша во кредитите и не можат да ги вратат. Затоа од ден на ден е сé поголем бројот на граѓани кои се разочарани и повеќе не ѝ веруваат на оваа власт. Ова е уште една причина повеќе да ни се придружите на големиот митинг на Сојузот за иднината, кој ќе се одржи вечерва на плоштадот Македонија во Скопје, со почеток во 21 часот. Време е работите да се менуваат – истакна Јовановски.